ПЕСНИ КРАТКИ – ЗА ПЛОДОВИ СЛАТКИ! (3)

И еве сме со третото продолжение на нашата нова рубрика. Денеска ќе зборуваме и ќе пееме за еден портокалов господин, кој е многу корисен, без него не може да се замисли ниту една супа, но и ниту еден Снешко. Откако ќе ја прочитате песничката во продолжение, ќе знаете за кој зеленчук станува збор, па ќе ви откриеме и други интересни факти за него.


Портокаловиот господин е сосед фин

Морковот е растение од зеленчуковата градина, достапно за јадење во текот на целата година. Иако ние најмногу го знаеме по портокаловата боја, тој може да биде и бел, жолт, црвен и виолетов. Она што го јадеме како овошје и зеленчук најчесто во секојдневието го нарекуваме плод, но од различни овошја и зеленчуци јадеме и други нивни делови. На пример, од морковот ние не го јадеме плодот, туку неговиот корен, кој се наоѓа под земјата. Затоа морковот го нарекуваме – коренеста култура. Богат е со витамини и минерали, а содржи и ликопен, ксантофил и каротин. За морковот се вели дека е „чистач“ на организмот затоа што кога го јадеме свеж или обарен тој влијае на организмот така што ги отстранува штетните материи. Можеби се прашувате каков сосед е тој во населбата наречена „Зеленчукова градина“. Портокаловиот господин е сосед фин и во добрососедски односи е со доматот. Се смета дека ако се посеат моркови меѓу доматите, доматите даваат поголем род.
За крај, уште ќе ви откријам дека потекнува од Авганистан и ќе ви посакам уживање додека грицкате моркови или пиете сок, или го јадете изрендан во салата.
И не заборавајте, нема подобар лекар друг од д-р Овошје и д-р Зеленчук.

Ваш, Филип Димкоски


Морков

Морковот во минатото,
дури и кога бил зрел,
(можеби ова не го знаете),
не бил портокалов, туку бел.

Не знам како научниците
ова чудо, сепак, го сториле
и со каква боја морковот
од бел, портокалов го обоиле.
Децата свеж го грицкаат,
(добро е тоа што го можат),
но и како сок го внесуваат
за добар вид и здрава кожа.

Еден човек, патник умен,
кој целиот свет го мина,
рече, не видел толку ниви
со моркови – како во Кина.


За авторот

Филип Димкоски е поет од младата генерација македонски литературни творци, кој пишува и за деца и за возрасни. Покрај тоа, тој е дипломиран земјоделски инженер, новинар и долгогодишен соработник на „Колибри“ и „Нова Македонија“. Автор е на поетските книги „Најхранливи зборови од детска душа дарови“, „Божилак на исконот“ и „Заедно да растеме“. Добитник е на повеќе награди, а поезијата му е препејувана и објавувана на повеќе јазици во десетина држави.