ПЕСНИ КРАТКИ – ЗА ПЛОДОВИ СЛАТКИ! (13)

Некои се ситни и светлоцрвени, а други пак покрупни и пурпурни, но главно сите се кисели. А колку што се кисели толку се и здрави. Многу ги сакам затоа што се погодни во многу, многу комбинации. Личат на цреши, а не се цреши. Погодувате за кое овошје станува збор?

Вишната како растение претставува овошно дрво. Бојата на плодот е карактеристична благодарение на антоцијанот што го содржи тој. Витамините и минералите кај вишната ги има во голем број, а антоцијанот е многу важен за срцевиот ритам. Јадењето вишни исто така ни помага да имаме здрава и убава кожа. Освен плодот од вишната, кој најчесто се употребува во свежа состојба или преработен, може да се користи и листот. Од листот се прави чај корисен за побрзо закрепнување по операција, заштита на нервниот систем, помагање при несоница. Освен што иако се кисели, а јас обожавам да ги јадам, особено вишните од крупната сорта марела, тие може да се користат и за правење шлаг, ликер, сок, сируп, слатко и компот, а одлични се за пита и за штрудла. Киселоста секој треба да им ја прости, па со сласт од вишните да си се нагости!

Ваш, Филип Димкоски


Вишна

Аууу што е кисела,
се стресува Мартин од вишновиот плод,
што ќе ми се олку кисели вишни,
а дрвото се втурило од род.

Ти вишни бери и гајле не бери,
ќе ги јадеш со сласт и нема да ги познаеш,
колку се корисни и убави
дури тогаш ќе дознаеш.

Следниот ден Мартин
и брат му кој не знае да чита
прсти лижеа и јадеа
од големата вкусна пита.


За авторот

Филип Димкоски е поет од младата генерација македонски литературни творци, кој пишува и за деца и за возрасни. Покрај тоа, тој е дипломиран земјоделски инженер, новинар и долгогодишен соработник на „Колибри“ и на „Нова Македонија“. Автор е на поетските книги „Најхранливи зборови од детска душа дарови“, „Божилак на исконот“, „Заедно да растеме“ и „Во градината има само љубов“. Добитник е на повеќе награди, а поезијата му е препејувана и објавувана на повеќе јазици во десетина држави. За афирмација на македонскиот јазик и образованието е добитник на највисокото градско признание – плакета „3 Ноември“ на Град Прилеп.