Етика за млади

Луѓето во секојдневниот живот се сретнуваат со многу проблеми и нивното однесување не е секогаш во ред. Понекогаш тие не се подготвени да дејствуваат исправно, не размислуваат за своите постапки и за последиците, нервозни се… Тогаш прават грешки и ги повредуваат луѓето околу себе.
Исто така, луѓето понекогаш се нетрпеливи во комуникацијата со другите. Можеби затоа што очекуваат нешто што не може да се случи, се излажале во надежите, ранливи се и лесно се разочаруваат, па затоа реагираат нервозно…
Поради сево ова тие лесно се лутат, се расправаат, мислат лошо за другите, па и за себе. Нерасполжени се, а во нивната душа владее непријатно чувство.
Нашиот народ измислил ден кога се потсетуваме на можните лоши постапки и реакции меѓу луѓето, како и на убавината на добрите односи меѓу нив. Тој ден го посветуваме на позитивното прифаќање на оние околу нас. Тогаш размислуваме дека како човечки суштества за нас најважни се односите со луѓето, а не парите и предметите. Сите можеме да згрешиме, но човечки е да простиме, да живееме во радост и согласување и да не си правиме лоши работи едни на други.
Тој ден, кој ќе го одбележиме в недела, народот го нарекол Прочка или Прошка.
Тогаш сите мислиме на убавите работи во животот, на радоста, добрината, чистата совест и меѓусебното почитување.
Тогаш треба да се завртиме кон себе, да согледаме што сме згрешиле и да се поттикнеме да расчистиме со нашите грешки, за да не ги повредуваме другите.
Обичај е на овој ден да им приоѓаме на луѓето, обично помладите им се обраќаат на постарите и им велат: „Прости“, а тие ни одговараат: „Простено ти е, прости ми и ти!“
Потоа се ракуваат и се прегрнуваат.
Секогаш треба да го одбележуваме овој етички празник Прочка, кој го краси човечноста. Нема ништо поубаво во животот од пријателски и убави односи со другите луѓе.
Но запаметете, не треба да се чека Прочка за да им се прости на блиските. Тоа треба да го правиме секогаш кога сме му згрешиле некому.
Треба да се трудиме да го заборавиме лошото, да внимаваме да не ги навредуваме ближните, а најважно е да разбереме дека со луѓето околу нас многу години ќе минуваме заедно и оти треба да се согласуваме.

проф. д-р Кирил Темков


Етичка мисла

Простувајќи, човекот се издига над оние
што го навредуваат.

Императорот Наполеон Први