Фото: ООУ „Св. Климент Охридски“-Драчево

Детски СОС

Кон крајот на октомври, тим на наставници при ООУ „Св. Климент Охридски“ од с. Драчево, општина Кисела Вода, Скопје, реализираа меѓународен проект, со цел преку голем број активности да го кренат гласот против врсничкото и сајбер-насилството што се случува на социјалните мрежи. За жал, први на удар се учениците.
Координаторката на оваа мобилност, одделенската наставничка Тања Петков, училишниот тим и колегите гости од Турција, Франција и од Австрија, преку презентација на дигитална игра, претставување на проектот „Крени глас против врсничкото насилство“ и раскажани приказни од жртви на врсничко насилство, ги согледаа состојбите и учеа како да ги охрабрат своите ученици да пријават и да побараат помош доколку се најдат во таква ситуација.
– Тимот од Македонија го претстави и прирачникот,,Не молчи – прекини го кругот! Стоп за насилство!“, подготвен од наставниците во нивните паралелки преку работилници што помагаат за препознавање, спречување и надминување на врсничкото насилство – ни рече наставничката Тања Петков.
Прирачникот е во печатена верзија на македонски и на англиски јазик, а подготвен е и код преку кој училиштата и секој наставник можат да го користат во електронска форма.
Покрај многубројните активности, благодарение на домаќините, гостите ги открија убавините на Скопје, посетувајќи ги Скопското Кале, старата чаршија и Матка, а беа и во Охрид. Исто така тие имаа можност да вкусат и некои од специјалитетите на традиционалната македонска кујна.
Следните мобилности на овој проект од програмата на „Еразмус +“ ќе се одвиваат во Франција, Турција и во Австрија. Ф.Д.