Драги деца, во „Колибри“ објавуваме делови од книгата „Бонтон за деца“
на познатиот македонски писател Наум Попески, кој исто така неколку години бил и уредник на нашето гласило за најмладите читатели. Бидејќи убавото воспитување се учи од мали нозе, се надеваме дека со овие едукативни текстови ќе ви помогнеме да израснете во умни и внимателни момчиња и девојчиња

„Бонтон за деца“ од Наум Попески (17)

Кивањето е здодевна „работа“. А и тебе ти е непријатно кога во друштво ќе почнеш да киваш. Но не бери гајле. Тоа е „природна појава“, така да се каже. И не може да се спречи. Но тоа не значи дека кога киваш, треба да зинеш и да ги исплашиш присутните со твоето гласно кивање.
Ти веќе си почувствувал дека ќе киваш, нели, така? Кивањето „се најавува“ само. Затоа, кога веќе ти дошло да кивнеш, извади го шамивчето од џебот, покриј ги носот и устата, наведни ја главата малку настрана и настојувај да кивнеш што потивко. Ама ти не носиш секогаш шамивче со себе?! Е, гледаш дека е потребно во секоја пригода.
Добро, кивна, што кивна. За тоа не мораш да се извинуваш. Но добро е, веднаш штом си кивнал, да направиш некоја смешна досетка, на своја сметка. На пример, доволно е сам да си речеш полугласно, низ блага насмевка: – На здравје! А ако тоа ти го рече некој од друштвото, одговори му:
– Благодарам, да ти се врати!
Се разбира, другарски, низ насмевка.