Кавадарци четири дена пулсираше во ритамот на музиката и танцот. Покрај големата возбуда предизвикана од натпреварувачкиот дух во една голема конкуренција, фестивалот беше убава можност за дружба, раѓање нови пријателства и запознавање со културата на земјите на другите учесници

ВО КАВАДАРЦИ СЕ ОДРЖА ИНТЕРНАЦИОНАЛЕН ФЕСТИВАЛ ЗА МЛАДИ

На крајот од учебната година, кога учениците го заокружуваат она што го научиле во текот на годината, на страниците на „Колибри“ издвојуваме простор и за еден од најмасовните фестивали во регионот, кој се случи неодамна во Тиквешијата.
Станува збор за фестивалот „Арт ин 2024“, што се одржа од 30 мај до 2 јуни во Кавадарци, кој ги обединува најталентираните деца од повеќе држави. Овие четири дена ќе ги запаметат 500 учесници од 20 земји: Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Хрватска, Бугарија, Грција, Романија, Молдавија, Приднестровје, Германија, Франција, Полска, Финска, Англија, Русија, Белорусија, Украина, Израел, Кипар и, се разбира, од земјата домаќин на фестивалот – Македонија. Младите се натпреваруваа во четири дисциплини: класика, фолклор, естрада и кореографија.
Во дисциплината класика имаше: соло-настап, дует, трио, квартет, квинтет, ансамбли и хорови (инструментални и вокално-инструментални), а натпреварите се случуваа во просториите на ОМБУ „Лазо Мицев-Рале“. Музејот на традиционална храна и вкусови беше местото каде што се одржуваа натпреварите од дисциплината фолклор (традициски инструменти), а за дисциплините естрада и кореографија (класичен танц, современ танц, естраден танц и шоу-балет) натпреварите се одржуваа во домот на културата „Иван Мазов-Климе“.
Кавадарци четири дена пулсираше во ритамот на музиката и танцот. Фестивалот имаше густа програма, многу натпреварувачи и музички педагози се собраа на едно место од различни земји во улога на стручно жири, кое прецизно ги оценуваше натпреварувачите и ги собираше поените на наградените таленти. Покрај големата возбуда предизвикана од натпреварувачкиот дух во една голема конкуренција, фестивалот беше убава можност за дружба, започнување нови пријателства и запознавање со културата на другите учесници.
– Фестивалот „Арт ин 2024“ го организира здружението „Арт ин орг“ од Кавадарци, како член на меѓународната асоцијација на фестивали и член на УНИЦЕФ-клуб. Првиот фестивал се одржа во 2013 година во Дојран, под името „Дојрана“, со вкупно 90 учесници од шест држави. Во периодот од 2016 до 2019 фестивалот се одржуваше во Охрид, под името „Арт ин 2024 експирианс“, и веќе прерасна во интернационален фестивал со големо реноме, а ние како домаќини се потрудивме гостите натпреварувачи да ги посетат и запознаат нашите национални обичаи, организиравме македонска вечер, како и екскурзии со посета на историски знаменитости.

За време на пандемијата фестивалот се организираше онлајн, а од 2021 година се одржува во Кавадарци, прераснувајќи во еден од најмасовните фестивали во нашиот регион. Со задоволство можам да кажам дека имавме успешно 13-то издание на фестивалот, успеавме да ги сместиме сите гости во градот и во соседно Неготино, а особено ми е драго што имавме многу натпреварувачи од Украина, земја што сѐ уште војува, чиј кореографски ансамбл од Одеса ја доби специјалната награда гран при на фестивалот – вели Ласко Атанасов, претседател на здружението „Арт ин орг“ од Кавадарци.
Ласко Атанасов и Екатерина Михељкис, Украинка што живее и работи во Битола, вложуваат многу труд да им овозможат на талентираните млади музичари од Македонија да се натпреваруваат.
За македонските натпреварувачи ова издание на фестивалот „Арт ин 2024“ беше можност да го покажат својот талент, да се споредат со другите ученици, да се дружат и да запознаат нови другарчиња од други држави и култури. Потврда за нивното знаење и талент беа многубројните награди и признанија, особено оние со максимално освоени бодови, што претставува најубав поттик да продолжат по патот што го избрале и заедно со своите музички педагози да освојуваат нови предизвици од областа на музиката, танцот и хорското пеење.

Мирјана Мукаетова