Од творештвото на Ефтим Клетников
По цртата нежна, тенка,
под синото морско ѕвоно,
меѓу јавето и сонот,
престорена в риба мренка
Принцезата Мала плови
во облека од крлушки
златни со морските друшки
низ предели чудно нови,
првпат што ги гледа таа.
Блеска рибиното јато
и ја води сè по патот
по кој сите нешта сјаат.
Глетки јасни, неопфатни
сал убоста што ги фали,
ридја школки и корали,
сите пурпурни и златни.
Меѓу нив ко јаспис сјае,
како лотос тих што цвета
мренката во таа света
длабочина без да знае.
Сè е вечност и без време
во тој предел необичен.
Ама мисли синот личен,
Духот Морски што не дреме
како со мренката само,
која бескрајно го плени,
да го сврши и ожени;
да ја одведе во храмот
морски, таму да се спојат,
прстен принцот да ѝ стави,
а потоа да се слави
и со вино да се појат
гостите. Но в тоа сега
Принцезата Мренка гледа
чудна случка, и е бледа,
од страв срцето ја стега.
Гледа, Духот Морски носи
крилја големи и зрачи
со синкаво темни лачи
и сребрени долги коси.
Принцезата Мренка мила
тој ја демне да ја зграби
со моќните бели заби
и сал шири темни крила.
Сон во сонот тоа ќе е,
молскавично таа сфаќа.
Може порака ѝ праќа
некој и со магла вее
в стапицата в која влезе,
талкајќи во заум така.
Тогаш баш ѝ фати рака
сонот морен што сал везе
со самрачни конци, вглобен
цврсто целосно во неа,
в мигот до под туѓа стреа
кога сака Духот кобен
да ја води. Гледа, смајна,
тој е молк и чудно таен
по неа се вдал и сјае
ко некоја древна тајна.
Таа бега со взор плашен,
нејќе по никоја цена
да е принцеза и жена
на синот на Духот страшен
од дно морско што се дига.
Бега низ синото море
Принцезата Мренка горе
и на брегот одвај стига.
Спасена е, но не знае
сепак кај е и се чуди
кој од сон ја сега буди,
сонцето ли в џамот сјае?
Не е свесна што се случи.
Сè уште е риболика
нејзината мила лика
и сè уште силно бучи,
рика дојдено под стреа
морето од сонот чуден;
и кој спие, кој е буден
ѝ е нејасно на неа.
Ама гледа, сега нема
перки ни крлушки златни,
мислите пред малку матни
ѝ се бистрат, па го зема
чешелот и чешла коси,
на прстите се протега.
Свршил сонот морен сега,
други вести денот носи.
(Од необјавената книга
за деца на Ефтим Клетников – „Малата принцеза“)