Етика за млади
На Светле ѝ кажуваа дека не треба да зборува многу, да биде воздржана и во однесувањето и во говорењето. Запомни што ѝ кажа една баба: „Секој збор да ти биде тежок едно кило, за да не го кажуваш без потреба“.
Често размислуваше за тоа. Таа заклучи дека е најдобро така да се однесува – да размисли добро пред да каже нешто, да не се истрчува никогаш, а ако не треба, да не кажува ништо. Сите научија дека девојчето е такво, оти има убав глас, дека говори мирно и умно, но дека слабо го користи јазикот, со клешти треба да ѝ се вадат зборовите од устата.
Таа во класот главно набљудуваше и молчеше, додека другите скокаа и викаа. Таа забележуваше многу. Најмногу се чудеше што сите се надвикуваат или говорат мошне гласно. Подобро би се разбрале ако зборуваат потивко. Јовче дури зборуваше толку брзо, што ги голташе гласовите, па ни тој самиот не можеше да се сети што кажал кога ќе побараа да објасни што рекол.
Најдобро е да се молчи, заклучи Светлана.
Но, понекогаш поради околностите и потребите се менуваа правилата. Во класот се случи инцидент. На Марија ѝ падна златниот медалјон кога потрча по ужинката. На крајот од одморот се врати во училницата плачејќи. Сите се возбудија. Почнаа да викаат, да бараат насекаде, да истрчуваат надвор и брзо се враќаа назад. Ја прашуваа Марија во еден глас кога го загубила накитот, зошто не го чувала, каде се случило тоа. Таа прво плачеше тивко, а потоа сѐ посилно. Почна да вика дека не смее да се врати дома, оти медалјонот е многу скап, дека ѝ го подарила тетка ѝ… Настана голема збрка.
Дојде учителката. Сите во глас објаснуваа што се случи. Таа повика на тишина. Одвај запреа да зборуваат. Таа праша дали некој го видел медалјонот на Марија, дали знае каде е.
Светле крена рака и рече:
– Кај Панче е!
Панче се најде во небрано. По кратко одложување, само по две-три секунди, ја стави раката во џебот, го извади медалјонот и рече:
– Еве го, јас го најдов. Повели, Марија!
Метежот се смири, децата си седнаа во клупите. Марија сѐ уште со насолзени очи, но со насмеано лице го гледаше медалјонот во својата рака и си велеше дека другпат нема да го носи на училиште.
Учителката дојде до Светлана и ја запраша.
– Ти секогаш си многу воздржана, зошто сега веднаш проговори?
Светлана рече мирно, но гласно:
– Јас зборувам кога треба да се зборува! Сега не смееше да се молчи!
Автор: проф. д-р Кирил Темков
Етичка мисла
Молчењето често е најдобриот одговор.
Лав Николаевич Толстој, руски писател