Во „Колибри“ објавуваме делови од книгата „Од дневникот на Васко
Пикаско и Зорка Сештозборка“ на познатиот македонски писател за деца Киро Донев. И ова дело на мајсторот на римите е ведра, интересна и поучна книга, а преку белешките на сестричката и братчето, двајцата палавковци, ќе можете да ѕирнете во нивниот шарен свет, да научите понешто, да се насмеете и со нетрпение да го очекувате секој нареден број на вашето омилено четиво
Низ страниците на македонската литература за деца. „Од дневникот на Васко Пикаско и Зорка Сештозборка“ на Киро Донев (13)
Секое утро се измачувам додека се обидувам од креветот да станам. Но, ова утро – морав да подранам! Што би рекла баба ми, се разбудив во „никоја доба“. И бргу-бргу влегов во дневната соба и врз свечената маса ја ставив мојата „штедна каса“. Потоа се измив, се облеков и гласно си реков: – Со среќа Васенце! Што повеќе денарчиња да лапне твоето штедливо „прасенце“!
Го зедов моливот в рака и на парче хартија напишав вака:
– „Најдраги и најмили мои, работата вака стои: Се наоѓам во „незавидна ситуација“ – потребна ми е ваша донација! Признавам, постојано ви бев лута опозиција, но, еве, ви предлагам – трајна коалиција! Но, затоа е многу битно, секој од вас итно – поитно, да го одврзе ќесенцето и според своите можности да донира нешто во „прасенцето“! Притоа, искрено ве потсетувам, парите наменски ќе бидат потрошени, ви ветувам! Почнувајќи од овој миг акцијата ќе трае тринаесет дена. Вашиот несебичен и хуман гест ќе знам да го ценам…
Со искрена почит…
Ваш Васенце, штедач –
со своето прасенце.
Овој убаво навезен јавен повик го залепив на касата, и онака ненаспан и нерасонет, си седнав крај масата…
Како и секогаш, прво се разбуди мама. По неа и баба и дедо, па тате и Зорка. Влегоа во дневната и – почна семејната драма,
Првиот чин почна со мама:
– Леле, чудо! – викна – Станал маминиот син!
По неа оџагори очи и дедо:
– Ти честитам, Васко… така треба, чедо!
Вчудовидена и баба, почна да се моли:
– Што му е Боже на детево, сигурно нешто го боли?!…
Со среќна насмевка на лицето ме прегрна и тато:
– Да не сум чул прекор за моето ранобудно злато!
Но, кога го прочитаа напишаното, сал се погледнаа и како по команда по столовите сите испоседнаа. Настана непријатна штама. Прва од „шокот“ се прибра мама:
– Значи, на нашево Васенце пак му огладнело штедливото „прасенце“! Касичките „бубамара“ чинам поштедливи беа…
– Полека мамо! – ѝ вратив – Да ти ја објаснам мојата идеја…
Но сестра ми ме пресече со љубоморна смеа:
– Каква сака нека е твојата идеја, нема да ме натераш да „паднам“ на неа!
Со неа, како и секогаш – и баба се сложи. Но, сепак рече:
– Нека ја образложи…
– Ова е – реков – само мој старт за бабиниот и маминиот Осми март!… Дедо и тато, признајте сами – зар не заслужуваат супер подарок овие две прекрасни дами? Ако за тоа нема разбирање вашата ќерка и внука, во тој случај, јас – ништо не можам тука… И не сакам со неа да се карам. А вашата парична помош на заем ја барам. Колку имате толку дајте, ќе ве разберам и сфатам… Од мојата прва плата – со камата ќе ви вратам! До празникот има уште 13 дена… Јас го кажав свето, а сега вие повелете на „сцена“…
Вашиот Васко Пикаско