Првата и последната генерација на учителка Роза

На мое големо задоволство, долги години соработував со најстарото списание за деца во нашата земја, „Колибри“, кое секој вторник излегува во дневниот весник „Нова Македонија“. Таа соработка многу ме облагороди и ме збогати со нови искуства. Сето тоа јас им го пренесував на моите генерации ученици. Резултат беа голем број текстови, средби и конкурси…, кои станаа составен дел од училишниот живот на децата. Присуството на странците на „Колибри“ за нив беше инспирација за убавиот пишан збор, за јавни настапи и подготовка на интересни проекти, за стекнување добри навики. Искрено, за нас, оваа активност беше важен дел од воспитно-образовната работа, вели наставничката Роза Василевска

Прекрасно е чувството кога во животот ќе имате можност да застанете и да погледнете назад, а таму да видите многу работа, труд, крв и солзи, но и многу љубов. Ете така се чувствуваше Роза Василевска, наставничка по одделенска настава во ООУ „Јан Амос Коменски“ во скопската општина Карпош, кога на крајот на првото полугодие замина во заслужена пензија.
Зад неа се 38 години поминати во едуцирање ученици од прво до петто одделение. Како што ни рече оваа упорна жена, тоа за неа биле златни години во кои вложила многу, образувајќи и описменувајќи голем број генерации ученици, подготвувајќи ги за успешен почеток во животот. За возврат, ни рече, добила многу љубов и почит од децата, од нивните родители, но и од целиот колектив на матичното училиште.
На наша голема радост, Роза, заедно со своите ученици и колеги од „Ј.А. Коменски“, целиот свој работен век соработуваше со нашиот додаток за деца „Колибри“ и беше дел од многу заеднички проекти, конкурси, неизоставен дел од родендените на „Нова Македонија“ и на „Колибри“. А ние, пак, на нашите страници ги следевме успесите на децата на кои таа им предаваше.
Како голема пријателка на „Колибри“, Роза многу е заслужна и за реализацијата на проектот и книгата „Татковината во детските срца“, кој го реализиравме во ООУ „Ј.А. Коменски“, меѓу децата од трето до деветто одделение, меѓу кои спроведовме анкетата, за да видиме што мислат тие за татковината. Нивните искрени одговори станаа дел од заедничката книга.
И на ланскиот роденден на „Колибри“, на 7 мај, кој го одбележивме во рамките на инклузивниот настан „Играме заедно пак“, кој се одржа на отворената сцена Школка, во Градскиот парк во Скопје, кога одбележивме 65 години од излегувањето на првиот број, учениците на Роза ја испеаја песничката „Шарени чадори“ заедно со Џина Папас-Џокси.
За да ѝ се оддолжиме за сѐ што направивме заедно изминатите години и да ѝ посакаме убави и активни пензионерски денови, овој прилог ѝ го посветуваме на наставничката Роза.
Инаку, таа е и долгогодишна волонтерка во првата детска амбасада на светот – „Меѓаши“, а членува и во пејачката група „Сирма“. Како што ни откри, периодот пред себе ќе го искористи за многу други креативни активности, некои повторно поврзани со деца.
Од скоро сте во заслужена пензија, како се чувствувате?
– Пред мене се отвори широко поле од можности во секој аспект од животот. Секој ден е нов предизвик и пред мене отвора широката палета од најразлични искуства.
Сепак, да се вратиме на Вашата педагошка дејност и да слушнеме кога се роди кај Вас желбата да станете наставничка по одделенска настава?

-Уште од моето рано детство многу сакав игри во кои јас ќе бидам учителката. И кога ќе ме прашаа што сакам да бидам кога ќе пораснам, јас одговарав – учителка. И така мојата желба стана реалност.Дипломирав на Педагошкиот факултет во Скопје и веднаш се вработив. Сѐ уште ја чувам фотографијата од мојата прва радост – од мојата прва генерација ученици од основното училиште „Гоце Делчев“ во селото Горно Лисиче, Скопско. Овие деца, сега возрасни, реализирани луѓе, ме поканија на дваесетгодишнината од нивната полуматура. Не можам да ви ги опишам радоста и среќата од оваа средба со нив и убавите зборови што беа искажани. И ден-денес среќавам некои мои бивши ученици, на различни места во градов. Тие случајни средби ми носат големо задоволство, бидејќи среќавам одговорни и добри луѓе пред сѐ. По работата во ОУ „Гоце Делчев“, мојата работа продолжи во ООУ „Јан Амос Коменски“, сѐ до моето скорешно пензионирање.
Речиси цело време, заедно со своите ученици, соработувавте со „Колибри“. Колку Вам и на Вашите ученици Ви значеше оваа активност?
– Да, на мое големо задоволство, долги години соработував со најстарото списание за деца, „Колибри“, кое секој вторник излегува во дневниот весник „Нова Македонија“. Таа соработка многу ме облагороди и ме збогати со нови искуства. Сето тоа јас им го пренесував на моите генерации ученици. Резултат беа голем број текстови, средби и конкурси…, кои станаа составен дел од училишниот живот на децата. Присуството на странците на „Колибри“ за нив беше инспирација за убавиот пишан збор, за јавни настапи и подготовка на интересни проекти, за стекнување добри навики. Искрено, за нас, оваа активност беше важен дел од воспитно-образовната работа.
Учителите, особено ако работат посветено и со љубов, се важен дел од животот на децата. Освен што ги учат децата да читаат и да пишуваат, тие ги учат и на првите животни лекции.
– Тоа е точно. Јас секогаш со својот личен пример им укажував на децата на животните вредности. Постојано на часовите зборувавме за значењето на љубовта, мирот, почитта, сочувството, трпението, искреноста и секако – другарството. Tолку тешко, а всушност толку едноставно е да се стане човек, што впрочем е главната порака од нас учителите до нашите ученици. И така ден по ден, година по година се нижеа златните мои години на мојот работен век што им ги посветив на најмилите, на децата.


Даим подадеш рака на првачињата од првиот училиштен ден и да ги испратиш во шесто одделение е многу убава, но и одговорна задача. Што Ви беше најважно во тој процес на растење и едукација?
– Одговорноста е голема. Толку многу деца нема ниеден родител на светот колку што има еден учител во текот на целиот работен век. Тука ќе го спомнам нашиот патрон „Јан Амос Коменски“, кој вели дека нема ниту една друга посвета работа под ѕвезденото небо од просветарската. Нема ништо повозвишено од тоа да поттикнеш детската душа однатре да засвети или, со други зборови преточено, детето да стане човек. Но морам да кажам дека сепак многу важни партнери во мојата работа беа и родителите на тие деца. Со заеднички разговори им помагавме на момчињата и на девојчињата здраво да растат. Но растевме духовно и ние со нив, бидејќи човекот учи додека е жив и добро е што е така. Родителите и наставниците се двете најважни алки во воспитувањето на децата и затоа е потребно многу да соработуваат.
На Вашите часови секогаш било интересно, со многу гости. Кој сѐ Ве посети?
– Освен „Колибри“, ќе спомнеме и други пријатели на децата од кои тие исто така многу учеа, ама и се забавуваа. Тоа беше познатиот пејач Џина Папас-Џокси, па сликарот и миротворец Живко Поповски-Цветин, разни стручни медицински лица, планинари, артисти… Сите оставија неизбришлива трага во нашите срца.
Вашите колеги од работа Ве испратија на најубав начин, а честитката што Ви ја напишаа во акростих е доказ за нивната голема почит кон Вас, колку Ви значи тоа?
– Моите колеги, секако, секогаш ми беа поддршка, а за мене особено беше важно тоа во совладувањето на новите технологии. Им благодарам на: колешките Ирена Пантова, Марија Јошевска, Марија Христовска, Велибор Бубулевски, Живка Пројчевска, Катерина Димишковска, Рада Стаменкоска, Грозданка Кажлева, педагогот Елизабета Ивановик, библиотекарката Маргарита Филиповска и сите други. Им благодарам на прекрасните зборови што ги напишаа за мене на денот од моето свечено испраќање во пензија, а за сета таа магија е заслужна и директорката Татјана Јанкуловска. Голема благодарност упатувам и до Пепи домаќинот, до чуварот Боби, до хигиеничарите и до вработени во кујната. Секако би го спомнала и мојот драг соработник придружник на дете, Славе Павлевски.
Вашите ученици нарекоа едно од новозасадените дрвца во училишниот двор „Дрвото на наставничката Роза“. Убав гест, на крајот на Вашата професионална патека…
– Секако, најболниот момент за мене беше разделбата со децата од мојата последна генерација, учениците од 3-г одделение. Но им велам само довидување, бидејќи ќе настојувам одвреме-навреме да ги посетувам. Нашето ново засадено дрвце ќе биде сведок на едно време поминато заедно, кое никогаш нема да го заборавиме.


Честитка во акростих од вработените во ООУ „Ј.А. Коменски“
за наставничката Роза

Неуморно работеше години долги
Активна беше до последен ден.
Стабилна, смирена, со совети разни
Тивко раскажуваше приказни важни.
Авторитетот твој остави трага
Вистината ја кажуваше со насмевка драга.
Неизмерно советуваше со збор,
Искрено почитуваше договор.
Чекореше со сите нас,
Комуницираше без твоето ЈАС.
Активна настава водеше на секој час.

Радувај се на деновите што следат
Оптимистички прошетки и дружби да се редат.
Заслужено користи ја пензијата своја,
Авантурите да бидат задача твоја!


Човекување

Утринава сонцето
наместо во мојата
во друга градина
најпрвин сврати.
Ако, нека ја злати,
нека ја злати.
Потем и во мојата
градина ќе сврати.

Утринава и реката бистра
потече кон други ниви
наместо кон нивите мои.
Ако, нека ги пои,
Нека ги пои.
Потем ќе сврати
и во нивите мои.

Утринава и пчелата
наместо на мојот цвет
слета на други цветови мали.
Ако, нека ги гали,
нека ги гали.
Потем и моите цветови
со нежност ќе ги гали.

Гледај, утринава
и славејот соседот
со песна го злати.
Ако, утре и мене
песни ќе ми прати…
Јас слушам и в шепот си велам:
„Најсреќен сум кога
Среќата со друг ја делам!„

Перо Миленкоски