Овие црвено-бели нишки испреплетени во најразлични плетки украсени со црвено-бели буфки ги симболизираат чистотата и раѓањето нов живот и го најавуваат будењето на природата

Белото кокиче, портокаловата качунка и светловиолетовиот мразец уште одамна го најавија доаѓањето на пролетта како верни предвесници на промените што се случуваат во природата на почетокот на месец март. Меѓу обичаите, длабоко вкоренети во меморијата на наша мала и убава Македонија, поврзани со доаѓањето на пролетта, важно место зазема празнувањето на 1 март, кое не може да се замисли без мартинките. Овие црвено-бели нишки испреплетени во најразлични плетки украсени со црвено-бели буфки ги симболизираат чистотата и раѓањето нов живот и ги најавуваат будењето на природата и почетокот на полските работи.
Празнувањето на 1 март кај мене секогаш буди убави спомени од детството поврзани со обичаите карактеристични за луѓето во Тиквешијата. Овие испреплетени црвено-бели нишки од кои е изоставена црната, за мене секогаш асоцираат на радост за она што допрва треба да се случи, а тоа е исполнувањето на желбата. Имено, според нашите обичаи, мартинката ја носиш на раката сѐ додека не ја здогледаш првата ластовичка, потоа ја вадиш од раката и без никој да те види ја ставаш под камен на некое скришно место што го знаеш само ти и, што е најважно, помислуваш желба што силно посакуваш да ти се оствари. Овој обичај беше поврзан со приказните што ми ги раскажуваше мојата мајка Неда, кои таа ги слушала од нејзината баба кога за први март со црвено-бела преѓа од памук или од волна се украсувал влезот на куќата, со желба пролетта да донесе здравје, мир и благосостојба во семејството. Потоа се украсувал амбарот за да биде полн со жито и пченка, па шталата, каде што се украсувале роговите на воловите, оглавите на коњите за да бидат здрави, а годината да биде бериќетна со многу род.

Бидејќи не го познавав животот на село за мене оваа приказна беше магична, ја будеше мојата фантазија сето тоа да го замислам во мојата детска глава и силно да верувам во неа. Оваа првомартовска магија беше збогатена и со бајката за кралот Македон, кој бил заљубен во една убава селанка. Таа била многу лична, а нивната љубов многу голема, но еден ден на расцветаната ливада каде што тие се среќавале дошла лошата вештерка, која поради силна љубомора поради убавината на девојката ја претворила во цвет. Кралот Македон оттогаш никогаш повеќе не се заљубил и секоја пролет доаѓал на ливадата меѓу цветовите да ја бара и препознае својата сакана. Затоа напролет нашите ливади во Македонија се толку убави и толку расцветани со разнобојни цветови, кои се натпреваруваат да бидат препознаени од кралот Македон. Тогаш кога бев дете толку многу бев обземена од оваа бајка што силно верував дека секоја пролет убавата селанка се појавува во разнобојните цветови што ги гледав на ливадите во Моклиште, Втачево и подножјето на Кожуф. Што се однесува до желбите што ги посакував, повеќето се исполнија, можеби затоа што замислував остварливи нешта или на некој начин моите родители лесно можеа да ги претпостават или препознаат моите желби, кои јас мислев дека се само моја тајна, па едноставно ми ги исполнуваа.
Еве, и сега мартинките кај мене разбудија убави спомени од детството поминато во моето Кавадарци, а верувам и кај многумина од вас што го читате овој текст.


Баба Марта

Еве стигна баба Марта
со своите цветни коси,
ја разбуди природата
пролетта кај нас ја носи.

Еве стигна баба Марта
на бел гулаб дојде, летна,
со мартинка, украс убав
на кошничка детска, цветна.

Еве стигна баба Марта
цветен килим сегде шири,
на својата виолина
низ полиња штурче свири.

Верувај ми драго дете
вистина е сѐ што реков,
баба Марта пролет носи,
така е од век и веков.

Наум Попески


Традицијата на мартинките во Кавадарци

Најголема заслуга за зачувувањето на традицијата да се изработуваат и врзуваат мартинки на 1 март последниве децении несомнено ѝ припаѓа на детската градинка „Рада Поцева“ во Кавадарци. Уште на најмала возраст, децата се запознаваат со овој обичај и со празнувањето на доаѓањето на пролетта, со учење на вештината да изработуваат мартинки. Многу често во градинките се организираа базари за родителите и се продаваа мартинки или, пак, на градскиот плоштад им се делеа на случајните минувачи.
Оваа традиција ја прифатија и основните училишта, па секоја наставничка на свој начин или организирано на ниво на училиште организираше манифестации во чест на 1 март. Овој пат на страниците на „Колибри“ им отстапуваме простор на вредните ученици од трето А одделение во основното училиште „Страшо Пинџур“ во Кавадарци и нивната наставничка Милка Маневска, кои во чест на доаѓањето на пролетта се облекоа во црвено-бела народна носија и организираа работилница за изработување мартинки на традиционален начин.
Инаку, изработката и поклонувањето мартинки на најблиските е традиција што во Македонија се почитува стотици години. Постојат различни обичаи при традиционалното подарување на една мартинка. Генерално, таа секогаш е со конци од црвена и од бела боја, меѓусебно испреплетени или исплетени, од кои црвената ја симболизира бојата на крвта, а белата на чистотата. Се подарува на 1 март, во чест на баба Марта и се носи околу рака или закачена на облеката сѐ додека не расцвета првото дрво. Потоа се закачува на него со желби за сопствено добро здравје и за добро здравје на своите блиски во тековната година.