ТАЛЕНТИ
Иако сѐ уште нема 11 години, прилепчанецот Мартин Ристески сепак го покажува својот спортски талент. Овој ученик во петто одделение во ОУ „Кочо Рацин“ – Прилеп, за многу краток период откако започна да се занимава со пинг-понг, веќе освои сребрен медал на меѓународниот турнир во Подгорица, Црна Гора, кој се одржа пред новогодишните празници. Медалот е освоен во категоријата кадети, односно во категорија за деца до 12 години, и тоа при првиот меѓународен настап.
Многу е среќен што го освои сребрениот медал, иако со пинг-понг се занимава и тренира само околу осум месеци.
Пингпонгарските гени ги наследува од татко си Рубинчо Ристески, кој со овој спорт се занимава 30 години и е долгогодишен актуелен шампион (повеќе од 20 пати државен првак) и репрезентативец на Македонија во пинг-понг за лица со инвалидност.
Добрите познавачи на овој спорт велат дека Мартин е светла иднина на прилепскиот, но и македонскиот пинг-понг, талент што може да прерасне во врвен спортист.
Добро му оди и на училиште, каде што постигнува одлични резултати, особено во математиката. Во второ одделение, како особено талентиран ученик, имало предлог да го прескокне третото одделение и да оди во четврто, но неговите родители одлучиле да не прескокнува одделение.
Освен што го сака пинг-понгот, сака фудбал и е голем обожавател на Баерн Минхен.
Иако е сѐ уште мал, пројавува желба да биде студент на Воената академија. Ка.М.