Секојдневно тимски изнаоѓаме начини и решенија како да им помогнеме на нашите ученици со оштетен вид, а наедно и да го подобриме нивниот воспитно-образовен процес, како и квалитетот на нивното живеење. Изминативе две години направивме низа позитивни промени и активности во рамките на нашето училиште, вели
директорот Боби Спасенцовски
Во посета на државното училиште за деца и младинци со оштетен вид „Димитар Влахов“ во Скопје
„Голема благодарност до моето државно училиште за деца и младинци со оштетен вид ’Димитар Влахов‘ – Скопје, затоа што мојата книга ’Тајните од моето срце‘ сега ќе биде пристапна за слабовидните и слепите. Ѝ се заблагодарувам и на негувателката Андреја Коцева, за нејзиниот голем придонес при читањето на книгата“. Со овие зборови, 15-годишната Јована Трајчевска на социјалната мрежа Фејсбук ја изрази својата благодарност бидејќи сега нејзината прва книга ќе можат да ја слушнат на Јутјуб многу нејзини другарчиња и љубителите на пишаниот збор.
Од своја страна, Андреја Коцева со одбрани зборови го искажува задоволството што е дел од овој проект.
– Читајќи ги стиховите на Јована до мене допре љубовта. Посакав да бидам ѕвезда на небото и со цел универзум да сковам заговор и да ги исполнам сите желби, кои Јована како дожд ги истури пред мене. Ме воведе во нејзината копнежлива желботека. И прочитав многу за подарената рака и добрината, за нејзиното куче, маче, зајче… Ми прошепна дека нејзината сестра Ивана се вика и дознав дека има прекрасна мајка. Посакав и јас да сум дел од другарството со неа и да ми раскажува што сака и што има во нејзиното срце. Нејзините стихови ме научија дека сите сме посебни цветови на светот. Другарчиња, ви предлагам сите да ги прочитате или слушнете желбите и копнежите на Јована и да научите од неа како се сонува – ќе рече Андреја Коцева.
Токму оваа грижа, посветеност и љубов се она што секојдневно им го подаруваат вработените во ова училиште на учениците и на тој начин се нивниот прозорец кон светот. Со своите залагања, тие им овозможуваат да станат реализирани и среќни личности во иднина, прифатени од општеството.
Но книгата на Јована не е единствената што е достапна во аудиоверзија, тука се и сите лектири од прво до петто одделение, а наскоро децата со оштетен вид ќе можат да ги слушнат и лектирните изданија од шесто до деветто одделение, најавуваат од училиштето.
Исто така, на 4 јануари, Светскиот ден на Брајовата азбука, од Општина Кисела Вода, каде што се наоѓа ова училиште, беа донирани 46 книги напишани на Брајова азбука. Донацијата содржеше лектирни изданија, кои за првпат кај нас содржат и илустрации. Библиотеката на ова училиште речиси и да немаше вакви книги бидејќи овој процес на изработка е специфичен и скап, а ретко можат да се најдат и во слободна продажба. Општината ја иницираше и кампањата „Различни, а исти“ за издигнување на свесноста за важноста на комуникацијата, како човеково право на слепите и лицата со намален вид.
Активности на повеќе полиња
Од своја страна, директорот Бобан Спасенцовски, кој е на оваа функција веќе две години, но речиси две децении е дел од едукативниот тим на училиштето, и кој исто така е и познат естраден уметник, вели дека сите ученици за вработените во училиштето се богатство, секој е посебен на свој начин, а тие постојат за нив.
– Секојдневно се вложуваме за подобро утре за секој ученик. На Јована сме исклучително горди. Таа е една од нашите најдобри ученици, со само 15 години зад неа има оставено едно прозно дело, а и второто е на пат и е речиси готово. Таа учи во средното училиште, насока за физиотерапевти и е навистина посветена на струката и образованието – ни рече Спасенцовски.
Тој ни откри и дека училиштето периодов е активно на повеќе полиња.
– Секојдневно тимски изнаоѓаме начини и решенија како да им помогнеме на нашите ученици со оштетен вид, а наедно и да го подобриме нивниот воспитно-образовен процес, како и квалитетот на нивното живеење. Изминативе две години направивме низа позитивни промени и активности во рамките на нашето училиште, некои од нив се градежни работи, средување на дворното место, реновирање, набавка на дидактичка и спортска опрема, но повеќето се однесуваат и директно на воспитно-образовната работа во училиштето. Активни сме и на полето на меѓународната соработка – објаснува директорот.
За него и за сите вработени најубава награда за сѐ што прават е насмевката на детските лица.
– Кога ќе забележам дека децата се среќни и задоволни, исполнети поради успесите што заедно ги постигнуваме, чувството е прекрасно, посебно, бидејќи ние на нив гледаме како на свои деца – ни рече Боби Спасенцовски, во име на сите вработени.
Инаку, училиштето има вкупно 48 ученици, 33 учат во основно, а 15 во средно образование:
– Средното училиште на учениците им овозможува стручно образование, и тоа:
– здравствена струка со тригодишно и четиригодишно образование;
– графичка струка со образовен профил – книгоповрзувач – картонажер;
– сообраќајна струка – манипулант на телефонска централа;
– работно оспособување за учениците со оштетен вид.
Голем број од нашите ученици се вработени во државни и во приватни установи.
Некои од учениците го продолжуваат нивното школување и на високообразовните институции: Филозофскиот факултет, Правениот факултет, Високата медицинска школа и др. Кај нас сѐ е можно, бидејќи ние на пречките гледаме како на предизвик – порачува Боби Спасенцовски.
Учество во меѓународни проекти
Александра Калемџиевска, која е вклучена во реализација на многубројните проекти во училиштето, ни ги претстави најновите ангажмани на учениците и професорите од „Димитар Влахов“.
– Во последните две години во рамките на нашето училиште секојдневно работиме да воспоставиме меѓуетничка соработка, како со училиштата за ученици со оштетен вид во регионот така и со институции од Европа. Пред два месеца го завршивме проектот на „Еразмус“, „Еднакви“ (EQUAL), преку кој заедно со наши колеги од училишта од Србија, Словенија и од Италија креиравме прирачник за поддршка на наставниците во редовните училишта за работа со ученици со оштетен вид.
Деновиве започнавме уште еден проект на „Еразмус“, „Опипливи граници“ (Borders of tangible), преку кој заедно со наши колеги од Словенија, Србија и од Романија ќе креираме прирачник како се изработуваат тактилни слики за учениците со оштетен вид. Во меѓувреме работиме и на уште три проекти на „Еразмус“, „Мојот најголем сон – подобар свет“ (My biggest dream-better world), во чии рамки, денеска еден наш ученик ќе замине на работилница со негови врсници од седум европски земји, во Васто, Италија – најави Александра Калемџиевска.
Во план е и учество во активноста „Унапредување на децата со интерактивна дигитална библиотека“ (Empowering Kids with Interactive Digital Library).
– Ќе креираме 100 приказни за традиција и култура на неколку европски земји, кои ќе бидат достапни за секого на отворена платформа. Преку проектот ,,Стоп +“, пак, креираме курикулум и видеоматеријали за реализација на физичкото образование онлајн. Во јуни минатата година бевме организатори на ВИП-натпревар, каде што учесници од сите училишта за ученици со оштетен вид од Балканскиот Регион пријавија свои музички точки, а потоа по пат на гласање беа избрани осум финалисти, ученичка од Косово, која свиреше на пијано, беше победник на овој натпревар и честа им припадна на нашите колеги од Косово оваа година да го организираат натпреварот. Исто така на 23 март, осум наши ученици ќе заминат на проектни активности во Сараево, преку проект поддржан од организацијата РИКО, насловен „Супер училишта“ – ни ги претстави Калемџиевска новините на ова по многу нешта уникатно училиште.
Кога би можела да видам
Кога би можела бојата на цвеќето
да ја видам,
најсреќна на светот јас ќе бидам.
Кога би можела да ја видам
небесната боја,
најголема среќа ќе биде моја.
Кога би можела за миг ликот на мама
да го видам,
најсреќна ѕвезда на небото јас ќе бидам.
(Од книгата „Тајните од моето срце“
од Јована Трајчевска)