Од творештвото за деца на поетесата Гордана Каракашевска

Тоа новогодишно утро, сонцето погледна низ прозорецот додека Снешка спиеше во својот кревет и си рече: „Ова дете ми се допаѓа“. И така, меко слезе по скалите од златни зраци и мина без шум низ стаклото од прозорецот. Потоа се наведна врз детето со лесна нежност на мајка и ги распосла своите бои по неговото лице. Поради тоа зениците на Снешка се зелени, а образите румени. Нежно ја стисна на своите гради, затоа Снешка е толку нежна како снегулка снежна.
Снешка се разбуди среќна и весела. Погледна во украсеното новогодишно дрво покрај прозорецот и брзо стана од креветот. Целата куќа мирисаше на печени колачиња.
– Бабо, вечерва е Нова година!
– Да, Снешка, со нежен глас рече баба ѝ. – Вечерва старата година си оди, а на нејзино место ќе дојде новата година. Сакаш ли да ми помогнеш со колачињата?, ја праша.
– Сакам! радосно рече Снешка. – Какви колачиња правиме?
– Правиме новогодишни колачиња со мед, рече баба ѝ.
– Ммм… сигурно ќе бидат многу вкусни.
– Овие новогодишни колачиња со мед ги правеле и баба ми, и мајка ми, и моите тетки, рече баба ѝ и во брашното додаде маслиново масло и цимет. Снешка додаде шафран и каранфилче.
– Бабо, кој е тој Дедо Мраз и зошто носи црвено-бел костим?
– Дедо Мраз има бела брада и бела коса и носи очила за да може подобро да гледа кому му дава подароци. Тој отсекогаш постоел. Живее на Северниот Пол и патува со санка, а носи црвена капа и црвен костим затоа што црвената боја е бојата на љубовта.
– Како Дедо Мраз може да подготви и да подели толку многу подароци?, праша љубопитната Снешка.
– Има помошници како и ти што ми помагаш сега. Му помагаат снежни вили и џуџиња.
– А зошто Дедо Мраз влегува низ оџаците?, љубопитно праша Снешка.
– Тоа го прави само во случај кога вратата е заклучена, а прозорците се затворени. Еве, колачињата се испечени. Сега треба да ги украсиме со шеќер во прав. Овие колачиња треба да знаеш како да ги јадеш. Скрши парче, стави го во уста и чекај да се стопи.
Снешка направи како што ѝ рече баба ѝ.
– Ммм… колку е вкусно!, рече Снешка со задоволна насмевка на лицето.
– Бабо, а што е најважно во животот?, прашуваше и понатаму Снешка јадејќи го новогодишното колаче со мед, оросено со снежно бел шеќер во прав.
– Најважна е љубовта, рече баба ѝ, нежно ја гушна Снешка и ја бакна на чело.


Студ

Студени прсти,
студено носе,
сиво небо,
сиво ќосе.
Гола земја,
голи гранки,
смрзнати дрвја,
брзи санки.
Вања спие,
часот е девет,
топла соба,
топол кревет.