Од творештвото на писателката Бистрица Миркуловска

Во школскиот двор
под чинарот
печурката изникнала!
Е, не е печурка!
Со свои раце децата
штички делкаа и клинци
ковеа,
хранилка направија,
и како печурка на една нога
под чинарот ја наместија,
и зрнца, трошки ставија
за гладните птици –
презимници.

Е па, до тука
сѐ е од убаво – поубаво.
Но, не е така секогаш
во светов чуден:
еден мачор-ѕвер
секогаш за лошотии буден,
од гранка на гранка се качи
и – цап-цап! Бап! Право врз
хранилката!!!
Исплашени летнаа птиците
а во шепите на ѕверот
едно кутро синиче
душичка бере…

Навева снег – небаре
пердувчиња разлетани –
тивко навева…
и сета лошотија на ѕверот
со белина ја покрива…
А утре во хранилката
зрнца, трошки пак ќе има
за гладните птици –
презимници
да имаат што да јадат
оваа зима.