Учениците од прилепските основни училишта му го вратија сјајот на карневалот „Прочка 2022“, кој се одржа по двегодишна пауза, поради пандемијата на ковид-19. Тие учествуваа на карневалското дефиле, а беа дел и од изложбата на маски во центарот за култура „Марко Цепенков“.
Покажаа дека знаат, заедно со нивните наставници, да ја чуваат традицијата, создавајќи креативни – традиционални, современи, поединечни и групни маски.
Гран при наградата отиде кај маската „Доаѓањето на Аладин“ од ОУ „Кочо Рацин, додека првата награда ја освоија нивните соученици со маската „Индијанско село“. Втората награда им припадна на учениците од ОУ „Добре Јованоски“ со маската „Кинескиот змеј“, а третата на учениците од ОУ „Рампо Левката“ со маската „Пчелички“.
Особено пленеа изработените маски од различни материјали од учениците, поставени на изложбата во ЦК „Марко Цепенков“. Посетителите уживаа во одличните креации на прилепските ученици, кои создадоа мошне специфични и креативни маски, со што придонесоа за зачувување на традицијата. Според оцената на жирито, годинашните изработки на учениците се одликувале со уникатност и креативност што дополнително влијаело врз подобрување на квалитетот и уметничката вредност на изложбата.
Секако, за најдобрите следуваа награди.
Првата награда ја поделија Димитар Талески, 9-то одд., од ОУ „Кирил и Методиј“ од с. Подмол, Андреј Бошески, 9-3 одд., од ОУ „Блаже Конески“ и Антонио Ѓурчиноски од СУ „Ѓорче Петров“.
Првонаградениот Андреј Бошески од ОУ „Блаже Конески“ не го криеше своето задоволство што при првото учество на изложбата се закити со награда.

– Инспирацијата за маската е за Индијанец, кој би бил Бог на земјата. Ја работев со природни материјали. Користев штирак и хартија, па мов, ја боев со кафе, користев дрво и растение. Ја работев три дена и многу сум среќен и задоволен што ја добив наградата. Традицијата е многу важна и треба да ја почитуваме – ни рече Андреј Бошески.
Второнаградени беа учениците Асад Бјелак од СУ „Ѓорче Петров“ – и Лејла Јаховиќ од ОУ „Пере Тошев“ – с. Десово, и учениците од 1-2 одделение од ОУ „Климент Охридски“, додека третите награди им беа доделени на Меланија Ристеска од 6-3 одд. од ОУ „Гоце Делчев“, на Андреј Митрески 9-4 одд. од ОУ „Кире Гаврилоски-Јане“ и Филип Настески од 8-б од ОУ „Страшо Пинџур“ – с. Мало Коњари.

Ка.М.