Времеплов
Бидејќи живеат во тропските краеви, тие се многу чувствителни на глобалните климатски промени. Поради загадувањето и појавата на кисели дождови што ја уништуваат животна средина, како и поради непланското сечење на дождливите шуми, нивниот престој на оваа планета е опасно загрозен
Кога човекот би консумирал осум-девет пати потешка храна од неговата тежина, тешко би можел да развие брзина од 70 км на час или да замавне околу двесте пати во секунда со своите раце. Затоа, пак, ненаситното колибри го прави тоа без мака. Неговите извонредни маневарски способности се пример за
пилотите. Најблиску до неговите можности се хеликоптерите. Колибрито може во миг да летне со брзина од 70 км на час, за во следниот момент да лебди или да тргне наназад со истата брзина. Најголемиот дел од животот, птицата колибри го минува во воздух. Тоа се храни и лови во лет, без да застане, дури и на секунда, за да се одмори. Во семејството колибри постојат 330-340 вида, со големина од шест до 21 сантиметар.
Колибрито е најмалата птица и според својата градба не се разликува од другите птици. Неговите основни карактеристики се: добро развиена мускулатура и несразмерно долг клун. Во клунот се наоѓа јазик што личи на четка за миење шишиња. На врвот има ситни влакненца, на кои се лепи хранливиот
нектар од цветовите. Крилјата му се зашилени како сабја, што му овозможува лесно да го сече воздухот. Поради долгиот престој во воздух, неговите нозе речиси ја изгубиле својата функција. Тоа ретко ги користи нозете, освен при градење гнездо. Колибрито е вистинска пеперутка во светот на птиците. Иако е мало, има огромна палета бои на своите пердуви, но, како и во преостанатиот птичји свет, поубава половина се мажјаците.
Поради начинот на исхрана, тие мора да живеат во предели каде што растенијата постојано цветаат. Затоа може да се најдат само во тропските краишта на Јужна Америка. Нивниот темперамент и динамичен живот бараат високоенергетска исхрана. Жедта за калории ја гасат со цветен нектар, додека белковините ги добиваат од бубачките што ги ловат во лет. При хранењето, летаат пред цветот, по неколкупати го вовлекуваат јазикот во цветната чаша и вшмукуваат сладок нектар. Клунот кај некои колибрија е долг пет милиметри, а кај некои 10 сантиметри, колку што е долга целата птица.
Гнездата на овие птици се вистински минијатури. Најчесто имаат форма на канче. Материјалот најчесто се состои од цветни ливчиња, мов и лишаи што се поврзани со пајажина. Гнездата главно се поставени на гранки, но може да бидат и висечки. Во гнездото најчесто снесуваат две јајца, бидејќи овие мали птици не можат да создадат доволно калциум за повеќе лушпи. По изведувањето, малите пилиња се голи и слепи околу 40 дена, додека првиот лет го имаат по седум недели. Бидејќи живеат во тропските краеви, тие се многу чувствителни на глобалните климатски промени. Поради загадувањето и појавата на кисели дождови што ја уништуваат животна средина, како и поради непланското сечење на дождливите шуми, нивниот престој на оваа планета е опасно загрозен.
Од книгата „Деби Му го разбуди бувчето“
на Жаклина Мучева