Фотографијата на колибри на Кристијан Спенсер се најде меѓу 50-те најубави снимки во 2019 година, во избор на „Нешенел џеографик“. Сликата е снимена во национален парк во Бразил, каде што Спенсер живеел 19 години и цело време ги фотографирал егзотичните растенија и животни.
Колибрито на наградената фотографија е снимено низ боите на виножитото, кои ги осветлуваат неговите крилја, и на неа не е направена никаква дополнителна интервенција. Фотографот Спенсер со години ја следел најмалата птица на светот, а снимил и филм за колибрито во 2011 година, кој го насловил „Танцот на времето“.
Кристијан Спенсер е роден во Мелбурн, Австралија, во 1977 година. Тој е професионален фотограф и творец на филмови. Добитник е на 19 меѓународни награди за своите фотографии и документарци.