Новата книга за деца на Бранислав Николов со илустрации на Иванка Ниба промовирана во Скопје, Гевгелија, Битола и во Охрид

Сите сме различни, малку слични. Но секој си е свој, секој си е со себе. И секој своја боја си носи. Но заедно, здружени, можеме прекрасна ѕуница да создадеме на нашето небо и нашите дни да ги обоиме во секоја боја од виножитото. Несебично секој од својата боја да даде, од срцето љубов да пушти. Ќе изградиме сите заедно многубојна ЅУНИЦА.

Приказната „Ѕуница“, раскажана во стихови, започнува во зима, отсликувајќи ја целосно својата природа ‒ ладна, еднобојна, некогаш забавна, но кога трае предолго е дури и монотона; завршува во пролет, кога ќе се разбуди сонцето и ќе ја открие сета убавина и експлозија од бои и емоции што се криеле под белината на снегот и тешките облаци.

Психологот за деца и адолесценти Христина Стефановска, во својата рецензија со препорака за овој ракопис, ќе истакне:
„Некогаш сѐ околу нас може да биде во боја, но во нашата душа да живее црно-бел свет. Може надвор сѐ да биде разиграно и топло, но во душата заспано и ладно. Животот носи збиднувања како и годишните времиња. Така, како и кај секого, и во детската душа може да зазими. И да, зимата е убава, но само ако трае онолку колку што треба. Во моментот кога таа ќе се обиде да го продолжи својот престој на Земјата, настапува монотонија, ризик од тоа да го изгубиме детето во себе и многу емоции да замрзнат.

И кога нешто убаво ќе се случи или некој ќе ни подаде рака, тоа е таа ѕуница што нѐ извлекува од мака. Во илјадници ситни дождовни капки тој прекрасен лак на бои е новото будење и патот до себе.

Во оваа приказна во авантура ве носат Бојана, Мендо, Зајче и Птичка, кои сложно ќе одиграат една братска слога. Авторот беспрекорно отсликува четири профили на ликови, кои се различни, но секој вреден на свој начин. Така е и со децата. За една група или заедница да остане сложна потребен ни е некој мудар како Бојана, силен како Мендо, кој ќе нѐ износи на рамена, досетлив како Зајче и гласен како Птичка. Она што човек не може да го направи сам, во слога со пријателите ќе успее, па заедно со нив ќе може да помести дури и планина.“

„Ѕуница“ за првпат беше промовирана на Саемот на книгата во 2023 година, учествуваше со промоција и работилница на фестивалот „Млади европски приказни, млади креативци“, учествуваше на фестивалот „Литера“, a свои промоции имаше во Гевгелија, Битола и во Охрид. Децата од сите градови веќе си имаат своја омилена строфа и илустрација, па направија ремек-дела на работилниците, кои беа организирани во состав на промоциите. Сликовницата е достапна во најголемите книжарници кај нас, но и онлајн на фејсбук-страницата на „Едиција Светулка“. Ф.Д.


Ѕуница

Си беше еднаш една снежна земја
без ниедна ѕвезда на ноќното небо,
без ниедна боја во текот на денот:
ноќе сѐ црно, дење сѐ бело,
воопшто, некако сѐ беше сиво,
под снегот се скрил и самиот живот.

Си беше еднаш една тажна земја
без сјајното сонце на дневното небо,
без ниедна боја во текот на денот.
Дружина таму се собрала в село –
Девојче, Птичка и милиот Мендо,
а Зајчето напред ги водеше смело.

Земјата беше ко боенка празна,
безбоен цртеж на секоја страна.
А секоја жива душа си бара
омилен дел од светот да шара –
Зајчето морков, Мендо медот,
Птичката шума, Бојана цветот.

Но кој да ги дувне облаците темни,
кој да ги стопи снеговите бели?
Кој да го отвори ширното небо
и да зажуборат пролетни реки?
Мислеше Зајче три ноќи цели,
мислеше Зајче и тогаш се сети!

Среќен ја запеа неколку пати
песната Бојана што му ја прати:
„Светни, Сончко, ти да нѐ спасиш!
Добар Сончко, стопли ни плажи!
Стави крај на зимските сказни,
жешкото лето нека се врати!“

И Зајче ја повика Птичката сред ноќ:
„Еве ти песна, учи ја вредно!
А в зори со првиот поглед на денот
ќе јаваш на грбот на добриот Мендо –
тој ќе те носи, тој ќе те чува,
мисли на тоа што доаѓа следно!

Одмори добро на грбот на Мендо –
тоа ќе биде нашата предност!
Штом ќе те качи горе на врвот,
тогаш ќе дојде на тебе редот!

Вивни се вишно низ облаци в небо,
буди го Сончко, распеј се штедро!“
А кога Сончко ја чу таа песна,
се расплака тој од молбата детска.

Заврна тогаш топлиот дождец,
мразот се стопи, снегот го снема,
под небото сино најсилно блесна
радосна пролет во градина цветна.

На крајот на Зајче му остана должност
да каже мудрост со голема точност:
„Само со сите боички в раце
ѕуница можеш да црташ по дождот.
Сѐ е лесно, сѐ е можно
кога се живее братски и сложно!“

Бранислав Николов