Во Прилеп е во тек фестивалот за деца „Силјан штркот“

Вчера започна театарскиот фестивал за деца „Силјан штркот“, кој годинава по шести пат ги рашири своите крилја и ќе донесе магија до 19 септември 2025 година, во ЦK „Марко Цепенков“ во Прилеп.
– Фестивалот е настан за кој не се зборува само како за претстави на сцена – тој е празник за секое дете, за секој родител и за секој учител што верува дека светот станува подобар кога во него има повеќе уметност. Замислете дете што првпат гледа театар, кое ја открива моќта на приказната што оживува пред неговите очи – тоа чувство на чудење и возбуда е срцето на „Силјан штркот“. Фестивалот започна со „Мачорот во чизми“ на театарот „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ од Велес, за потоа овие денови да следуваат и другите претстави. „Снежана и седумте џуџиња“ од театарот во Битола ќе ги пренесе децата во магичниот свет на бајките. Следуваат вечерни работилници за ликовна уметност, кои им овозможуваат на најмладите креативно да ја изразат својата фантазија. Средата носи класична авантура со „Ивица и Марица“ од „Мал театар“ – Прилеп, додека в четврток ќе се игра „Пепелашка“, во продукција на центарот за култура „Антон Панов“ од Струмица, а вечерта ќе биде збогатена со танцова работилница на отворено. Завршниот ден на фестивалот, петокот, ќе биде посветен на театарска работилница, каде што децата ќе имаат можност да застанат на сцената и да ја почувствуваат магијата одблиску – велат организаторите од здружението „Мал театар“ – Прилеп.

Но „Силјан штркот“ е многу повеќе од програма. Тоа е традиција што расте заедно со децата, соништата и заедницата.
– Овој фестивал не е само културен настан туку празник на детската имагинација, љубопитност и креативност, создаден со голема љубов. Театарот тука не е само забава – тој е лекција за емпатија, креативност и љубопитност. „Силјан штркот“ е потсетник дека магијата постои – и таа започнува токму тука, со едно дете, една сцена и една приказна што ќе остане засекогаш во срцето – додаваат организаторите.
Фестивалот се реализира со поддршка од Министерството за култура и туризам, Општина Прилеп и од неколку општествено одговорни компании. Ка.М.