На првиот ден на пролетта невладината „Рурална коалиција“, во соработка со основното училиште „Кузман Јосифовски-Питу“ и детската градинка „Олга Мицеска“ од Кичево, засади 60 дрвца. Јавор, јасен и бреза ќе ги красат дворовите на основното училиште и на детската градинка. Овие дрвца се одбрани затоа што испуштаат висок процент на кислород, кој треба да придонесе за намалување на аерозагадувањето на територијата на општината Кичево.
Не случајно во акцијата учествуваа најмладите деца од градинките и учениците во основното образование, затоа што на таа возраст започнуваат да се градат и развиваат еколошката свест и совест.
– Со денешната акција сакаме да испратиме порака дека немаме резервна планета, а колку ќе ја одржуваме и чуваме зависи од нас самите. Живееме во еден од најзагадените градови во земјава, а и на национално ниво состојбата не е ништо подобра, па токму ваквите мали чекори треба да поттикнат организирање и поголеми акции што ќе ни го направат нашето место подобро за живеење – смета Љиљана Јоноски, извршна директорка на „Рурална коалиција“.
Директорката на училиштето Ирина Стојаноска спомна дека ваквите акции и соработката помеѓу сите институции и локални чинители треба да бидат почести, но и долгорочни, за да има и повратен ефект.
Таа дополни дека со учениците постојано се работи и на часови секаде каде што се дозволува, само во насока на што подобра едукација на децата за заштита на животната средина и јакнење на нивната еколошка свест. З.А.