Во „Колибри“ објавуваме делови од книгата „Од дневникот на Васко Пикаско и Зорка Сештозборка“ на познатиот македонски писател за деца Киро Донев. И ова дело на мајсторот на римите е ведра, интересна и поучна книга, а преку белешките на сестричката и братчето, двајцата палавковци, ќе можете да ѕирнете во нивниот шарен свет, по нешто да научите, да се насмеете и со нетрпение да го очекувате секој нареден број на вашето омилено четиво

Низ страниците на македонската литература за деца. „Од дневникот на Васко Пикаско и Зорка Сештозборка“ на Киро Донев (12)

Сте виделе ли некогаш или некаде каменен цвет? Не?! Добро, добро… Не сум изненаден. Сѐ си е во ред… Ама, ете, колку да ви звучи ова неверојатно и „лудо“, од денес веќе ќе постои и вакво чудо!
Прекрасен каменен цвет – единствен на овој век!
Каде ли е?
Полека, молам… Ќе дознаете сѐ по ред…
Кај мене идеите никако да секнат. Не во еден ден, ами сал во еден миг – триста нешта можат да ми „текнат“. Едноставно „вријам“ од инспирација. И денес по стоти пат се најдов во таква ситуација…
Утрово сите од одделението на „големо“ разговаравме за Денот на жените, на наставничката што да ѝ подариме. Едни предложија едно, други друго, трети трето, ама јас на сите нивни предлози им ставив „вето“!
Смешно е – им реков – секоја година на Осми март да ѝ подаруваме само цвеќе. Тоа е надживеано веќе… можам да речам дури и банално. Предлагам да ѝ подариме нешто трајно и пред сѐ оригинално! Ете, така мислам јас…
Некој ми свика на сет глас:
– Е па, ти смисли нешто Васко… Та, нели наставничката те нарече „наш нов Пикаско“…
Ме „боцна“, па го „пресеков“:
Прифаќам! – му реков.
И веднаш стрчав дома и за пет минути донесов полно ќесе со убави, мазни и разнобојни езерски камчиња. Сите се вчудовидоа кога ги видоа. Во очите им заиграа љубопитни пламенчиња…
– Од каде ти се, Васко, кажи?
– Ги собрав додека летував крај охридските плажи! Еве, ги има во сите бои, големи и мали… Одберете си по едно и напишете ги на него своите иницијали… Денес е вторник. Осми март е в сабота. Можете сите да си одите, другото е моја работа!
Првин нешто си промрморија, но, како што им кажав, така сите сторија. Потоа, видоа-не видоа, се разотидоа…
Сега сум дома. Сам седам. Одбраните камчиња ги лепам и едно до друго внимателно ги редам. Правам скулптура. Камчињата со иницијали се претвораат во цвет-минијатура… од сите нас, за наставничката, се знае… Споменот на нас вечно да ѝ трае.

Вашиот Васко Пикаско


За авторот

Познатиот македонски писател за деца и млади Киро Донев е роден во селото Моноспитово, Струмичко, на 21 март 1942 година. Беше новинар, главен и одговорен уредник и директор на „Детска радост“ при НИП „Нова Македонија“. Член е на ДПМ од 1970 година. Денес, како пензионер, живее во родното село.
Автор е на голем број книги за деца, почнувајќи од првата поетска збирка „Жаба спикер“, издадена во 1967 година, до последната „Било и се скрило“, издадена по половина век, во 2017 година.
Автор е и на десетина радио и ТВ-драми за деца и млади. Неговите книги се преведени на: српскохрватски, турски, албански, бугарски, украински и руски јазик.
Добитник е на наградите: „Гоцева повелба“ – Подгорци, „Ванчо Николески“ за најдобра книга за деца, „Курирче“ и „Струшко изгрејсонце“ на фондацијата „Македонија презент“ и „Големиот принц“ од издавачката куќа „Феникс“.
Негово последно дело е книгата „Видое Подгорец – незавршена приказна“, романизирана биографија, која Донев ја напишал за својот соработник и пријател или, како што тој честопати знае да каже, „батко и духовен татко“.