Тој шарен свет
Сигурно досега на небото сте го забележале прекрасниот спектар од бои што се создава кога по пороен дожд ќе засјае сонцето. Таа низа од бои се нарекува виножито или ѕуница. Но знаете ли како се создава овој природен феномен?
Виножитото настанува кога сончевите зраци, по дожд, минуваат низ малите капки вода во воздухот. Сончевата светлина, всушност, се состои од неколку нијанси: црвена, портокалова, жолта, зелена, сина и виолетова.
Водените капки стануваат мали призми низ кои се прекршува светлината. Кога ќе се гледа од авион виножитото има кружен облик. Бидејќи очите на двајца луѓе не можат да бидат на исто место во исто време, секој гледа поинакво виножито.
Зошто е така? Затоа што дождовните капки постојано се движат во воздухот, па нивниот изглед постојано се менува.
Затоа секогаш кога го гледате виножитото, тоа е единствено. Многумина веруваат дека виножитото е добар знак и ако поминете под него ќе имате среќа и ќе ви се случи нешто убаво.
Легендите на многу култури велат дека виножитото е нешто како мост меѓу небото и земјата. Така, во Иран веруваат дека дури и боите на виножитото имаат одредено значење. Ако преовладува зелената, тоа значи изобилство, црвената значи војна, а жолтата носи несреќа. Индијанците Аравак во Јужна Америка виножитото го сметаат за среќен знак ако се појави над морето, додека жителите на северен Сибир го сфаќаат како говор на сонцето.