Од творештвото за деца на писателката Сузана Мицева

Некои пријателства не знаеме како почнале. Откако знаеме за себе, нашите другарчиња се тука. Небаре цвеќенца во трева. Не знаме кој прв израснал и кој прв го здогледал лицето на другото цветче. Таквите другарства се најчесто во соседството, или кога и нашите родители се другари, па се знаеме отсекогаш. Други ги среќаваме во парк, во градинка. Ги здогледуваме, ги запознаваме и се здругаруваме. А трети, како јас и Џиџи, доаѓаат како силен летен ветер, што задувува ненадејно, ненајавено-пред дожд. И најпрво сме можеби и збунети, а подоцна се радуваме на свежината. Е, баш така Џиџи долета во мојот живот. Поточно, се дотркала. Хахаха! Да, вистина ви велам.
Џиџи е мајмунче вљубено во акробатските игри на дрвја. Скока, се вивнува во крошните и потоа вешто се фаќа за некоја гранка, небаре дрвјата му подаваат рака. За оние што не го виделе, Џиџи е обично мајмунче. И, во право се. Но тој е само малку различен. Син. Тоа не е некое изненадување, ако се знае дека доаѓа од шарената планета Џиџана. Таму сѐ е шарено и весело, небаре кофа виножито се прелеала и обоила во најразлични бои. Последниот пат кога беше во Џиџана, лелееее, каква забава имаше Џиџи.

Синото мајмунче цел ден го помина лулајќи се на гранките од еден црвен даб. Како да танцуваше на вжарени лисја, задоволно се префрлаше од едно на друго дрво. „Многу сум среќен во мојата огнена шума“, си мислеше синото мајмунче. Но, во еден момент, тооолку силно се залула, што наместо да ја фати гранката од соседниот црвен даб, тој падна и почна да се тркала, да се тркала, да се тркала до работ на шарената планета. И претпоставувате, се дотркала пред мојата куќичка. Јас носев преграб лешници што ги собра мајка ми и тамам да ја отворам вратата, некоја гоолема сина топка ме турна и заедно се срушивме. Хахаха, колку бев исплашена, мислев дека ме стигнува некоја сина молња. А ЏИЏИ, стана модар од страв. Прво, затоа што никогаш не видел верверичка, а второ, и да видел, не била со ваква обична кафеава боја како мене. Сигурно била виолетова, или разнобојна, како неговата планета.
„Пази, другар!“ – му свикав. „Ме дуууувна!“ Џиџи ги ококори очите и ме гледаше чудно, небаре јас сум паднала од друга планета. Хахахаха. Ама, палавкото, веднаш се созеде и наместо извини, ми рече: – Здраво! „Здрав и жив да си братко, а сега да ги собереме лешниците оти мајка ми и двајцата ќе нѐ казни ако нѐ затекне вака, со расфрлани плодови наоколу. Таа ноќ Џиџи првпат преспа кај нас. Висеше на коренот од дрвото во кое живееме – еден столетен јавор. Оттогаш, секогаш кога ќе погледнам кон таванот чинам небото спие во мојот дом.

(Извадок од серијалот раскази за синото мајмунче Џиџи)