Со големо задоволство на страниците на „Колибри“ ќе споделам извадок од мојата нова книга за деца „Најденко во магичниот круг“, која наскоро ќе биде отпечатена. Секоја приказна има илустрации на Елена Максимовска, а ќе има и други изненадувања за детската читателска публика. Промоцијата е закажана за крајот на мај, а јас едвај чекам да го почувствувам мирисот на свежо отпечатена моја книга по неколку години пауза, вели авторката Татјана Гогоска

Извадок од необјавената книга „Најденко во магичниот круг“ на Татјана Гогоска

Расказот има три дела, ова е воведот.
Во нашево време, некаде околу нас живее Најденко, детето со чудесен сјај во очите и секогаш подзамислен поглед. Во оваа приказна посветена на него и на секое дете што ќе се препознае во неа, тој го сонува својот сон на еден магичен круг, кој ги прави децата посреќни, посакани и вистински авантуристи.
За да може полесно да ја следите приказната ќе Ви кажеме збор-два за неа.
Во оваа приказна „Најденко во магичниот круг“, главен лик е детето со своето измислено име Најденко – кое си го ставил сакајќи да најде само свое место и посакуван мир за да биде среќен. Во неа тој сонува да замине од домот на своите родители, за да побегне од сите обврски, заедно со својот измислен другар Оги!
Една вечер Најденко сонува чуден сон во кој сите книги бегаат од неговата соба, мајка му го остава да спие, наставничката ја нема, а тој заминува во посакуваниот свет. Но, соништата кога ќе се остварат не е секогаш сѐ како што се посакува. Средби, случки, несреќни и среќни, го следат Најденко на овој пат, кој тој всушност не знае дали е сон или јаве.
Но…
Од сонот го будат неговите најблиски. Најденко добива вистински другар и сфаќа дека среќата е таму каде што припаѓаш, опкружен со љубовта на најблиските.
Во оваа приказна, покрај Најденко – Петар, и Оги – неговиот измислен другар, учествуваат мајката, наставничката Мила, Лажгото, двајцата добри браќа Мико и Нико и кучето Најденко.
Па да почнеме!
Авантурата е пред ВАС, драги деца!

ОД ПРВИОТ ДЕЛ

Вечерта во темната соба на Најденко лежеше во својот кревет со Оги до него и му шепотеше. – Искрено како на најдобар другар ти кажувам дека не сакам да имам толку обврски, не сакам никој да ми вика… сакам да ме слушаат што зборувам… еве како ти Оги пријателче мое… ти ме слушаш. Додека зборува очните капаци му се затвараат и не ја слуша вратата, која мајка му тивко ја отвора да види што прави.
Најденко влезе во посакуваниот сон каде што сите исчезнуваат. Мајка му исчезнува, наставничката исчезнува, исчезнуваат и оживеаните книги, ранци и разни предмети од собата. Полека се креваат нагоре и почнуваат да играат и шепотат.
Читанката се доближи до неговото уво и тивко му шепна:
Јас имам многу интересни приказни во мене,
а ти не си ме ни погледнал.
Оттаму се јави и математиката:
Зошто толку ме мразиш?
Па не сум толку лоша и тешка.
Погледни ме барем еднаш (почнува да плаче)
На прозорецот застана книгата по природа и општество и му покажа кон надвор и му рече:
Природата треба да се чува, да си играш во неа,
Земјата, воздухот…, а ти зошто бегаш од мојот час?
А блокот по ликовно како магионичар нацрта една убава слика и му прозборе:
Не ме сакаш ни мене.
А толку убави боички ти купија.
Погледни ме и барем еднаш нацртај нешто.
Се јави и музичката тетратка, која беше зачудена дека Најденко дури и да пее не сака, а на изненадувањето на физичкото со топка во рака, дека не ја погледнува ниту топката за да си играат, а тоа веќе е многу сериозна работа за која сите треба да се обединат.
Предлогот, како најпаметна го даде читанката и им предложи во знак на револт сите заедно да го напуштат, па да види колку ќе му недостигаат. Со едногласно ЗА сите си заминаа од сонот на Најденко.

ТРЕТ ДЕЛ

Книгите се враќаат, сѐ се враќа назад во собата каде што Најденко спие на креветот без кутијата. Најденко ги отвора очите, сите се околу него. Мајката наставничката, книгите се расфрлени, ранецот, тетратките… Не може да верува. Мајката и наставничката се смешкаат.

НАЈДЕНКО: Пак сум дома! Ова беше само сон!
Ѕирка под креветот, ја нема кутијата.
МАЈКАТА: И сон и јаве синко мој!
НАЈДЕНКО: И не сум сам? И ти си тука и наставничката Мила и… Сѐ е тука! Го нема Оги!… Ама него никогаш вистински не го имаше. Знаете сите, Оги беше мојот измислен другар, никогаш не постоеше.
Се отвора полека вратата, влегува кучето од сонот. Најденко скока од радост.

НАЈДЕНКО: Еве го сонот! Сите сте тука! Јас сум дома! Ти си мојот спасител!
Тоа ли сакаше да ме научиш? Дојди до мене! – го гушка силно.
НАСТАВНИЧКАТА: А утре те чекаме на училиште!
ЧИТАНКАТА СЕ КРЕВА – ОФ ГЛАС: И ние те чекаме да ги откриеш нашите тајни.
И читанката, математиката, боичките и фудбалот….
МАЈКАТА: Најденко, чедо мое… Татко ти ти донесе кучето и вети дека попладне ќе одите во прошетка, само вие тројца.
НАЈДЕНКО: Супеееер, но чекај мамо! Веќе не сум Најденко, туку Петар, како дедо ми мој најсакан. Веднаш одам да му кажам!
МАЈКАТА: А-ха, така ли? А што ќе правиме со твоето измислено име Најденко?
НАЈДЕНКО: Ветувам дека сѐ ќе направам како што велите и, еве, предлагам нашиот нов член на семејството, моето ново вистинско другарче милениче, да го крстиме Најденко. Затоа што тој ме најде и ме научи да сфатам колку сум среќен со сите вас.
МАЈКАТА: Така е сине! Ова е умното главче на моето Петарче!