По повод роденденот на Тоше Проески

Познатиот македонски сликар и хуманист Живко Поповски-Цветин, како и секоја година и оваа, на 25 јануари, роденденот на нашиот ангел Тоше Проески, ќе биде дел од крводарителската акција во Домот на АРМ во Скопје. Освен тоа, традиционално, тој на платото пред спомен-куќата на Мајка Тереза на улицата Македонија, на 23, 24 и 25 јануари, ќе организира изложба под ведро небо со слики што тој ги подарил.
– Тоше е талент што се раѓа еднаш во 100 години. Тој ги сакаше луѓето, беше искрен, хуман и, што е најважно, ни остави аманет сите да се сакаме и почитуваме – вели Цветин.

Тој повеќепати се сретнал со Тоше Проески, меѓу другото и при доделувањето на хуманитарните награди „Мајка Тереза“ во спомен-собата во кулата кај Домот на АРМ на светицата, поточно на скопјанката Гонџа Бојаџиу, која за својата хумана мисија е добитничка и на Нобелова награда за мир.
По вторпат за ова признание ќе конкурира и нашиот Цветин и се надеваме дека и ќе го добие.

Инаку, тој на Тоше Проески пред да замине на „Евровизија“ во Истанбул, Турција 2004 година, му подарил своја слика.
– Сум бил и во неговото вечно почивалиште во Крушево, каде што оставив свои дела и еден насликан камен во форма на Македонија – ни рече Цветин.
Неговата ќерка Александра, која по професија е воспитувачка на деца од предучилишна возраст, а исто така му помага на татка си околу сите тековни ангажмани, била блиска пријателка на Тоше и вели дека никогаш нема да ги заборави заедничките средби и спомени.

– Тоше првпат го запознав пред МКЦ, во Скопје, пред да замине на концерт во Белград, во организација на продукцијата „Авалон“ и оттогаш многу се дружевме. Се сеќавам, му беше интересно тоа што живеев на Рузвелтова 4, а неговата песна, нели, е насловена Рузвелтова 3. Јас, освен што имам завршено Педагошка академија, предучилишна настава, учев и соло-пеење, но и покрај молбите на Тоше нешто да запееме заедно, едноставно не собрав сили за таков чекор – ни рече Александра.
Таа го опиша Тоше како многу спонтан млад човек, весел, но и мудар.
– Тоше не можеше да поднесе неправда, а исто така беше и голем верник. Ми
се јавуваше од секаде каде што патуваше, а често и ми пееше преку телефон. Ми правеше цели концерти, бидејќи музиката за него беше сѐ во животот и секогаш беше расположен за песна – открива Александра Поповска.
По повод роденденот на Проески, во цела Македонија и, секако, во неговото Крушево ќе има низа настани, а ќе биде промовиран и документарниот филм што за него го сними Прва српска ТВ од Белград.

М.Т.