Етика за млади

Основните и суштински зборови во етиката се Добро и Зло. Околу нив се врти сѐ во етиката. Тие се основа на моралот и со нив се мерат постапките на луѓето.
Добро е она што има животна вредност, она што ѝ е потребно на личноста. Доброто е извор на моралните норми и нив ги оправдува. Доброто е израз на позитивните стремежи. Со погледот кон Доброто, со неговото избирање и следење се создава исправен живот, човекова среќа или најголема корист за најголем број луѓе.
Злото е негација на Доброто, отклонување од него, израз на негативните стремежи. Злото е основен елемент на лошото дејствување, сила за унижување и повредување на луѓето.
Доброто е она што повеќе се сака и што се избира, се препорачува, се брани и се извршува. Доброто се почитува. Личноста се гордее со изборот на Доброто и со правење добро. Доброто се оценува позитивно.
Злото е она што не се сака, што не се избира, што се отфрла или заобиколува. Тоа не се препорачува за извршување или се наложува негово избегнување. Злото не се брани и се оценува негативно.
Бидејќи доброто и злото се спротивни нешта, тие се исклучуваат. Тие се два пола што не можат да се доближат. Не е возможно нивно мешање. Меѓу нив постои суштествен судир – она што е добро не е зло, злото не може да стане добро. Оној што прави добро не е зол, а оној што прави зло не може да биде добар.
Изборот меѓу Доброто и Злото претставува основен човеков избор или насока по која човекот ќе се движи во животот.


Етичка мисла

Доброто е цел на сето постоење и на секое движење

Аристотел, најголем антички филозоф и естетичар и учител на Александар Македонски