Од творештвото за деца на писателот Владо Јаневски
Во едно далечно царство си живеело овчарче што не сакало цел живот да го помине во планина со овците. Овчарчето било сираче и немало пријатели што би му помогнале. Еден ден едно врапче го слушнало овчарчето, сега веќе пораснато во убаво момче, како, седнато покрај една пештера, тажно свирело на кавалче додека овците си паселе. „Сакам да ти помогнам“, му рекло врапчето. Овчарчето зачудено погледнало околу себе. Не можело да поверува дека гласот доаѓа од птичката. „Не чуди се, тебе ти зборувам“, му рекло врапчето. „Оди долу на патон и кажи му на првиот човек што ќе наиде дека многу си се исплашил бидејќи си слушнал како нешто силно рика во пештерата“.
„Како може тоа да ми помогне?“, прашало овчарчето.
„Ти прави како што ти велам и не прашувај многу“, му рекло врапчето.
Овчарчето решило да го послуша и слегло на патот. Не поминало долго време, се појавил трговец качен на коњ. Овчарчето почнало исплашено да вика. „Леле мајко! Помош! Помош!“
„Што си се развикало, бре момче? Волкот ли овците ти ги изеде?“, го прашал трговецот.
„Господине, се исплашив од нешто што силно рика во пештерата“, овчарчето покажало кон пештерата. Трговецот се погодил еден многу плашлив човек. Кога го чул тоа, го збоднал коњот и избегал, небаре бега од самиот ѓавол. Овчарчето потоа се вратило кај врапчето и му рекло: „Направив токму така како што ми кажуваше. Сретнав еден трговец на коњ и му кажав дека нешто силно рика во пештерата, кутриот човек веднаш избега. И што сега?“
„Сега ти седи тука и свири си на кавалчето“, му рекло врапчето и одлетало. Не летало долго пред да го здогледа трговецот како мавта со рацете и му објаснува на селскиот полјак дека чул рикање на страшен змеј во пештерата над селото. Полјакот, кога го слушнал тоа, ја оставил работата и се стрчал кон селото. Врапчето летало по полјакот и го забележало како ѝ објаснува на една баба дека со свои очи видeл многу страшен змеј како излегува од пештерата. Бабата се фатила за глава и почнала да им вика на сиот глас на селаните наоколу да бегаат од полето. Врапчето потоа го видело селскиот ковач како ја запира бабата и ја прашува да не почнала некаква војна. Таа одвај собрала здив за да му каже дека нешто пострашно од војна ќе ги снајде. Му рекла дека во пештерата се разбудил најстрашниот змеј на светот и тргнал кон селото. Потоа бабата припаднала од умор. Ковачот ја кренал в раце онесвестената женичка и колку што можел побрзо oтрчал до сретсело. Таму го пречекал учителот, кој побелел од страв кога ковачот му кажал дека ја спасил бабата од канџите на еден страшен змеј. „Чудовиштето имаше уста голема колку широко отворена врата од која излегуваше долг пламен јазик. Успеав само да ја грабнам кутрава женичка од канџите и побегнав. Змејот е многу гладен и секој момент може да дојде во селото“, му рекол ковачот.
Учителот се исплашил дека сите деца од училиштето ќе бидат изедени. Од таквата помисла и тој паднал во несвест. Во близината бил селскиот поп, кој кога слушнал што раскажува ковачот, почнал да ја бие црковната камбана и го кренал на нозе целото село. Силниот ѕвон на камбаната го слушнал еден од најхрабрите витези на царот. Попот му кажал дека змејот само што не влегол во селото. Витезот тогаш го јавнал својот брз коњ и се упатил право кон царскиот дворец. Врапчето го стигнало витезот дури пред влезот на дворецот, каде што тој целиот задишан му пренел на царскиот стражар за големата неволја.
„Се спасив од канџите на страшен змеј што веќе изеде едно село и е на пат кон дворецот со намера да ја изеде и царската ќерка!“, така рекол витезот. Врапчето го слушнало тоа. Потоа летнало по царскиот стражар, кој се стрчал по главната улица и почнал на сет глас да вика сите да бегаат што подалеку од ужасниот змеј. Настанал невиден метеж. Луѓето се растрчале по дуќаните да се снабдат со храна за подолго време, купувале и грабале сè што ќе стигнат за потоа да се скријат во своите домови.
Царот се чудел што се случува гледајќи од балконот на дворецот. „Честити царе, голема несреќа!“, му рекол стражарот, но не довршил бидејќи му пукнало срцето од многу трчање и умрел пред нозете на својот господар.
„Ќе ми каже ли некој што се случува?“, исплашено викнал царот. Врапчето слетало на прозорецот и забележало кога пред царот дотрчал витезот и му кажал дека станува збор за змеј што е толку силен што дури си трепнал ќе уништи сè пред себе. „Честити царе, ништо не може да го запре ужасниот змеј, ќе ја изеде и вашата ќерка“, рекол витезот.
Царот ја слушал својата кутра ќерка како плаче и извикал на сиот глас: „Каде сте, мои верни јунаци, во овој страшен час?“ На негово големо изненадување витезот и сите други јунаци се разбегале, секој во својот дом и оттаму исплашено ѕиркале. Кога го видело тоа врапчето, слетало на рамото на царот и му шепнало: „Честити царе, не е сè изгубено. Јас познавам еден јунак над јунаците што ќе го победи змејот и засекогаш ќе го протера од царството ако вие на таквиот јунак му ја дадете раката на вашата ќерка и го прогласите за принц“.
Царот останал зачуден од врапчето што зборува, но во таквата безнадежна ситуација веднаш се согласил. Врапчето тогаш одлетало назад кај овчарчето и му кажало дека сè што треба да стори е да отиде кај царот и да му рече дека змејот веќе никогаш нема да се врати. Така и било, царот бил пресреќен што се нашол таков јунак во неговото царство. Момчето веднаш било прогласено за принц, се оженило со царската ќерка и си живееле долго и среќно. Оттогаш врапчето секогаш било крај момчето и го советувало. А змејот? За змејот никој веќе не чул, се спомнува само во приказната за храброста на овчарчето, која и до ден-денес им се раскажува на сите деца и на сите врапчиња во царството.
За авторот
Владо Јаневски е писател и сликар. Роден е во Македонија, каде што завршил високо образование. Од 1989 година живее во Сиднеј, Австралија. Член е на Друштвото на писателите на Македонија. Објавени романи: „Смртта не е крај“ (2022), „Мртвите знаат најдобро“ (2020), „Чудо зад аголот“ (2020), „Под друга капа“ (2019), „Made in Jabana“ (2004), збирка раскази „Нема враќање“ (1985). Илустрирани книги за деца: „Палавковците Влатко и Емче“ (2023) и „Змејови и луѓе“, (2023). Застапен е и во книгата современи бајки „Детелинки-белинки“ (2022), како и во антологиите „Современи кратки книжевни форми“ (2022), „Современи авторски бајки“ (2021) и „Песни за Скопје“ (2021). Добитник е на наградата за најдобро сценарио за долгометражен игран филм на меѓународниот фестивал на филмски сценарија „Скрипт фест“ и на наградата „Пегаз“ за најдобар необјавен роман на годината. Повеќепати бил наградуван на конкурсите за бајки на „Арс Ламина“ и на раскази на „Студентски збор“ и на „Нова Македонија“. Застапен е и со наградувани раскази во книгите „Електролит 2006“ и „Електролит 2007“ и во списанијата за литература „Маргина“, „Книжевни елементи“, „Балкански книжевен гласник“, „Современост“ и „Стремеж“. Автор е на текстот и на цртежот на „Палавковците Влатко и Емче“, редовниот прилог во „Колибри“. Се занимава и со сликарство, изложувал во Сиднеј и на интернет. Неговите слики се дел од приватни колекции во повеќе земји во светот. Објавувал карикатури и во познатиот австралиски магазин „Булетин вит њузвик“. Ангажиран е како уредник за книжевно и ликовно творештво во магазинот „Везилка“, каде што претставува македонски автори што живеат надвор од Македонија.