Сигурно знаете дека секоја сказна почнува со „Си било еднаш, многу одамна…“ и сигурно ја знаете сказната „Принцезата на зрно грашок“ од Ханс Кристијан Андерсен. Првачињата од ООУ „Климент Охридски“ во Прилеп, со нивните наставнички Катерина Макалоска и Јасмина Мицеска и нивниот гостин, поет и земјоделски инженер Филип Димкоски, чепнаа под сите дванаесет постели на кои спиела принцезата и го пронајдоа зрното грашок.
На интегрираните часови научија како изгледа семето на овој зрнест зеленчук, го споредија со изгледот на грашокот што се конзервира, па во чашки секој ученик ги посеа своите зрна грашок.
Учениците научија дека расадот се сади, а семето се сее и дека за да никне едно растение се потребни почва, вода и сонце.
– Семчињата грашок ги ставивме во убава почва, ги залеавме со вода и сега ќе ги следиме нивното растење и развој. Чашките ќе стојат крај прозорец за да имаат доволно светлина, а преку еден ден со прстето ќе ја проверуваме влажноста. Ќе залеваме по потреба – ни објаснија вредните и љубопитни првачиња.