Празничен проект на ДКЦ „Карпош“ – Скопје

По повод 8 Март, Денот на жената, во организација на детскиот културен центар „Карпош“ и Град Скопје, беше организиран музички креативен настан.
Главното случување беше во саботата, во Кинотеката, со почеток во 12 часот, каде што децата низ танц и музика упатија честитки кон сите жени, а особено кон своите мајки. Исто така, некои од нив во холот цртаа осмомартовски честитки, а имаше и мини-изложба на она што за своите мајки го направиле дечиња од неколку скопски градинки.

Манифестацијата продолжи вчера, со почеток во 13 часот. Во соработка со ООУ „Киро Глигоров“ беа организирани креативно пишување, на тема „Со љубов за сите жени“, и литературно поетско читање поезија наменета за жената.
Затворањето на манифестацијата е денеска, со традиционалната изложба на цртежи од децата од предучилишните установи во Град Скопје и околината што учествуваа на конкурсот објавен на тема „Цртам за мојата мајка“.
Изложбата со детските творби ќе биде поставена во просториите на ДКЦ „Карпош“.

 


Мајчините очи

Ако некој може да измисли најразлични игри, тоа е Дафинка. Штом е таа дома, необично е весело. Сите се смеат на нејзините досетки.
– Бабо, погледни ме, сакам да ти ги видам очите! – најпрвин започна со бабата.
Бабата се сврте кон Дафинка.
Твоите очи се многу убави! – рече девојчето.
А бабата се насмевна и ја бакна во образот.
Твоите очи, дедо? Да ги видам.
Ја погледна и дедото.
– И твоите се убави!
Ја бакна и дедото.
На ред дојде и тетка Мирјана. Мораше и таа да послуша, се сврте кон Дафинка.
– И тетка Мирјана има убави очи.
Така го доби и третиот бакнеж.
Најпосле требаше да се видат и мајчините очи.
– Мамичке, погледни ме и ти! Ајде! – побара Дафинка.
– Твоите очи, мамо, твоите… Тие се… тие се, мамо… Тие се како сонце! – извикна девојчето и в миг се најде во мајчините прегратки.

Горјан Петревски (Од книгата „Рано дојде љубовта“)