Близначките Тамара и Моника Велков се идни одбојкарски ѕвезди

Тамара и Моника Велков се осмоодделенки во ОУ „Војдан Чернодрински“ во скопската општина Карпош. Деновите, како и на нивните другари од одделението, им минуваат во завршување на училишните обврски, другарување и шеги, а попладнето, освен во учење, и во низа слободни активности.
Сепак најмногу време им посветуваат на тренинзите по одбојка и со причина. И двете се членки на одбојкарскиот клуб Фит фан волеј, кој се натпреварува во Првата републичка лига. Карактеристично за првите луѓе на клубот е што им посветуваат внимание на младите категории, а на оние најдобрите им овозможуваат да заиграат во сениорскиот тим.
Така, од летово во првиот тим играат и талентираните млади спортистки, близначките Велков. Инаку, Моника тренира одбојка четири, а нејзината сестра Тамара две години.
Како што велат, за нив одбојката е голема љубов, амбиција и стимул да стигнат многу далеку со својата упорност и напорно тренирање. Пресреќни се за дадената шанса и велат дека нема да ја изневерат.

– Одбојката стана неразделен дел од нашите животи. Тренинзите секогаш ни се повеќе задоволство од напор, бидејќи знаеме дека со упорноста и посветеноста може далеку да стигнеме – велат тие.
За остварување на нивните соништа е ангажирано целото семејство, секако и постарата сестра Катја, која од годинава е средношколка. И таа порано се занимавала со спортски активности, но сега вели дека повеќе ја преокупира учењето. Сепак таа наоѓа време да погледне некој нивни поважен натпревар.
Бидејќи разговорот го направивме деновиве, Тамара и Моника ни рекоа дека им е многу жал поради она што им се случува на децата во Појасот Газа, во Украина и секаде каде што има кризни жаришта во светот.

– Жал ни е што некои наши врсници живеат во многу тешки услови и би сакале наскоро и тие да можат да уживаат во животот како нас. Да одат на училиште, да се занимаваат со омилениот спорт, да уживаат во детството. Бидејќи активно тренираме, знаеме колку се важни соработката со другите и коректниот однос со сите членови на клубот. Затоа секогаш сме за ферплеј и на спортските терени, но и во животот. Кога ќе затреба, ние секогаш сме први да помогнеме, па веруваме дека хуманоста и овој пат ќе победи во светот – ни рекоа Тамара и Моника Велков.
На овие две насмеани и темпераментни близначки, кои во декември ќе наполнат 13 години, им посакуваме многу успеси во иднина и да си ги остварат своите желби и амбиции.

М.Т.

Фото: Марија Таушанска