Пет причини поради кои децата треба да си играат на дожд

Криенка, брканица, камај, народна, ластик, џамлии и многу други се игри што јас ги играв кога растев. Секоја генерација има понекоја нова игра, иако во последно време игралиштата опустеа и децата сѐ повеќе време минуваат зад компјутер, во играње виртуелни игри.

Највесела животна лекција

Но, сепак, играта сѐ уште е најубавата, најзабавната и највеселата животна лекција. Преку игра учиме и да го делиме она што го имаме со другарите и со нив да ги прославуваме успесите. Играта нѐ учи и како да бидеме упорни, трпеливи, кога треба и попустливи. Таа ни дава можност да претвориме во јаве некоја своја фантазија, нѐ носи во минатото, но и во иднината.
И не заборавајте, најубаво е радоста за секој добиен поен, за секој постигнат успех да ја поделите со вистински, а не со виртуелен другар.
А за игра и забава на отворено, нема погрешно време и лошо друштво.

Не сме шеќер да се стопиме

Април е месец кога сѐ зазеленува, но и кога врнат пролетните дождови. Дали кога ќе заврне бегате дома и се засолнувате под стреа? Или кога ќе ја погледнете временската прогноза се откажувате од излетот или прошетката со другарите? Прочитајте го нашите пет причини поради кои ќе ја смените оваа навика и во иднина ќе уживате и ќе пронајдете убавина во сите временски услови, па и во играњето на пролетниот дожд.

Прва причина

Дождот не им пречи на децата. Дали знаете некој ваш врсник што би одбил прошетка во парк само затоа што надвор врне? Освен тоа, чадорчињата, кабаниците за дожд и гумените чизмички може да се купат на секое ќоше и не се многу скапи.

Втора причина

Во Шведска врне дожд 270 дена годишно, а тамошните деца минуваат надвор повеќе време од нашите. Во текот на еволуцијата, која траела илјадници години, децата го минувале своето детство надвор, играјќи си, без разлика на временските услови, а тоа значи дека генетички сме предодредени на „мокрење“. Или, како што би рекле нашите баби и дедовци, не сме шеќер да се стопиме.

Трета причина

Играњето со вода е извор на радост за децата, а има и докажана психотерапевтска улога. Освен тоа, децата што си играат на дожд се помалку разгалени и похрабри, а истовремено и поимуни на настинки.

Четврта причина

Баричка полна со дождовница е фантастично место за експерименти и за забава. Освен тоа, кога родителите го пуштаат детето надвор и кога врне, со тоа му порачуваат дека е способно и одговорно, а така му ја зголемуваат самодовербата.

Петта причина

За да ја сака, почитува и чува природата, детето треба да се сроди со сите нејзини природни појави и да ги доживува како нешто сосема нормално.


Врне дожд

Врне дожд,
врне дожд.
Секоја капка е сребрен брош,
секој брош е од мониста знак,
секој знак е од облаци траг.

Врне дожд,
врне дожд.
Со смеа се полни секој кош,
секоја тирка и секој тир,
секоја длапка и секој вир.

Врне дожд,
врне дожд.
Од него сребрее секој грош,
секое цвеќе и секој цвет,
секоја тревка и секој плет.

Врне дожд,
врне дожд!

Стојан Тарапуза
(Од книгата „Капки со шапки“)


Дождобрани

Црвени, шарени, сини –
дождобрани, дождобрани…
Како шарено цвеќе цветаат,
дождобрани радосни
одат како да летаат.
На улица итаат – опа,
врз нив весел дождец ѕуни,
дождот игрив тропа.
А пак тие итри скокаат.
Порој дождец се истура…
Низ улица тие итаат.
Деца, стари, млади, сите,
под нив глеј се збрани –
дождобрани, дождобрани,
отворени падобрани…

Дождобрани, дождобрани,
врз нив играат капки китно,
со ноџиња разиграни
си играат ситно, ситно…
Но, штом убав Сончко светне,
во ќош бегаат тие, ете.
Таму цел ден си се свиени,
падобрани скриени –
дождобрани, дождобрани.

Евгенија Шуплинова
(Од книгата „Моливчето
го боли срце“)


Сказна за капка вода

За една капка вода
утринава славејот запеал
свечена песна – ода:
ја здогледал врз листот
на една свената роза
и му се присторила
небаре бисерна солза.
Со трепетна душичка
зачекало сонцето
со златни зраци
да ја крене капката вода
дури до белите облаци.
А таму таа се здружила
со многу капки бистри,
па дробен дождец се сториле,
наудолу се срониле,
миговно од запад до исток
над ливади окосени
и кории позлатени
ѕуница
се раздиплила…

Од рани утрини
па сѐ до квечерина
со трепетна леснина
славејот извивал песна
за една капка вода –
што станала облаче
и дождец,
и ѕуница
и насмевка
врз детските лица.

Бистрица Миркуловска
(Од книгата „Лице и опачина“)