ОД МОЈ АГОЛ: JОВАН ВЕЛЕСКИ, СПОРТСКИ И МЕДИЦИНСКИ ПСИХОЛОГ
Како и другите спортови и фудбалот е корисен за децата и за нивниот развој. Освен тоа тој е, или би требало да биде, забавна активност, која вклучува разни вежби што позитивно влијаат на менталното здравје на децата, а исто така здравите навики што се стекнуваат на тренинзите ќе им користат на младите спортисти во формирањето на нивниот карактер.
Исто така фудбалот е тимски спорт, па иако се важни индивидуалните вештини, неопходно е да се игра тимски. Токму тимската работа е една од најкомплексните животни вештини што децата ја учат играјќи фудбал.
Меѓутоа, да се биде дел од тимот исто така подразбира децата да се учат на лидерство, но и како да го прифатат поразот. Исто така тие учат како да преземат одговорност, бидејќи каков ќе биде тимот зависи од секој играч. Тоа ги учи децата на уште една важна животна лекција, како да ја развијат здравата работна етика.
Значи, играњето фудбал на децата им помага да стекнат важни животни навики, како што се: дисциплина и напорна работа при донесување одлуки, решавање проблеми и при комуникација. Преку здравата конкуренција децата се учат на соработка и на спортски дух.
Нема сомнение дека фудбалот е многу повеќе од спорт и оти претставува одличен начин за правилен развој на децата, како ментален така и физички и емоционално.
Токму поради тоа, важно е и однесувањето на оние што им го пренесуваат знаењето, на тренерите, и како тие ќе ги стимулираат, не само да вложуваат големи напори за да бидат подобри туку и да се забавуваат, да ги откриваат своите таленти, да ги надградуваат и пред сѐ да уживаат во играта.
Апел до фудбалските тренери
Имам еден апел до фудбалските тренери, од кои повеќето ми се добри пријатели, особено за оние од помладите фудбалски школи. Ги следам секој ден на стадионот во типската населба во Прилеп и не можам да се изначудам што се случи со фудбалот. Без да се мешам во методологијата на тренингот и уигрувањето на тимот, сакам само да потенцирам дел од спортската психологија на младите возрасни категории од осум до 12 години.
Наместо да си остане игра и децата да се релаксираат, да ја стимулираат спонтаноста на потегот, прегледноста на просторот, тренерите како да забораваат на приоритетите. Сѐ почесто им суфлираат на младите играчи кој каде да подаде, како да ја шутне топката, кој каде да стои, кој да ја води топката и до каде! Често паѓаат и остри критики ако некој не го исполни реченото. Овој начин на работа не само што не ги стимулира туку предизвикува страв кај децата. Основната цел за стекнување способност за прегледност и организација на игра со ваквата тренерска тактика паѓа во вода, бидејќи секое дете се плаши да не згреши, а не да направи фудбалски потег и да го освои просторот или да направи ментален концепт за гол-шанса. Повеќе од јасно е дека кај деца што чувствуваат страв не може да се развие концептот за игра. Сето ова погоре изнесено одговорно го тврдам, бидејќи спортската психологија ја работам повеќе од 40 години. Мојата дипломска се однесува токму на тоа и носи наслов „Социјален статус на екипни спортисти, со различен тимски учинок“.
Затоа се прашувам: каков статус има фудбалски почетник што не се остава да мисли со своја глава!? Новите генерации се поинтелигентни и секоја следна има нови интересни идеи. Тоа најдобро го знаеја познатите тренери за граѓаните на Прилеп, Педано и Благојче Шерифо. Статусот во спортот е работа на самодоверба, моторна и ментална координација, чувство за простор и сигурност на телото за движење низ него.
Суфлирањето ја блокира играта
Драги актуелни тренери, вашето континуирано суфлирање: „Дај лево, дај десно;, врати на голманот; ти стој кај линијата…“ ги блокира фудбалската имагинација и емотивното задоволство на играчите. Тие никогаш нема да созреат ако имаат страв дека ќе згрешат, па тренерот ќе ги укорува и критикува. Има и такви тренери, кои дури и им викаат на децата со омаловажување. Навистина зачудувачки, бидејќи родителите нивните деца ги оставаат со доверба во нивни раце. Затоа од спортските работници што работат со млади фудбалери очекувам да ги почитуваат и да ги развиваат нивните физички и ментални способности, бидејќи само така ќе постигнат заеднички успех.
Доколку сакате да уиграте тим, најпрво научете ги децата како да размислуваат конструктивно, научете ги како да ги користат нивните способности во детали, па потоа уживајте во нивниот начин на игра. А јас и натаму сум убеден дека фудбалот е игра во која слободата на движење секогаш победува.
Фудбалска топка
Сите ме удираат,
сите ме шутираат,
но, ако -не ме нервираат,
оти знам,
штом ќе влезам во голот –
мене ми аплаудираат.
Димитар Алачки
(Од книгата „Тајни“)