Четири македонски училишта меѓу 250 наградени од целиот свет за борбата против климатските промени
Основните училишта „Крсте Мисирков“ и „Димитар Миладинов“ од Скопје, „Драга Стојановска“ од с. Ракотинци, Скопско, и „Кочо Рацин“ од Охрид добиja награда за учеството во Проектот за климатски активности, која ја доделува „Картун нетворк клајмат“, и во Проектот за климатска акција. Само 250 училишта во светот го добија признанието за интензивна работа на полето на образованието поврзано со климатските промени.
Станува збор за иницијатива за издигање на свеста за климатските промени, чија цел е да ги инспирира децата да преземаат секојдневни предизвици што колективно можат да направат голема разлика за здравјето на нашата планета. Иницијативата е развиена во соработка со познатата глобална еколошка организација – Светски фонд за дивиот свет. Климатската акција е бесплатен образовен проект лансиран од „Тејк екшн глобал“, образовна непрофитна организација со седиште во САД, во која се вклучени 2,7 милиони наставници и студенти од 146 земји од светот. Целта на проектот е да им помогне на учениците да научат за климатската криза и за начините како да ги шират решенијата на интернет.
Училиштата што добија признание ја доставиле својата работа за изминатата година и исполниле обемни критериуми, вклучувајќи и посветеност на целото училиште за климатско образование и студентски решенија. Мисијата на „Тејк екшн глобал“ е да поттикне една милијарда ученици да преземаат акција за почиста животна средина до 2030 година преку програми, вклучувајќи го и Проектот за климатска акција. Со визија за климатско образование за сите, се комбинираат наставните програми за животната средина со проекти предводени од ученици, споделувајќи идеи и искуства со локалните и глобалните заедници, образовните лидери и партнерските организации. Партнери се Фондацијата на Обединетите нации, НАСА, ВВФ, Картун теворк, Лего едјукејшн и Ертшот прајз, претставена од Кралската фондација.
Шестнеделни активности
Наградата на 9 јуни стигна во нашето училиште ОУ „Кочо Рацин“ – Охрид. Оттаму велат дека, покрај инволвираните наставници и ученици, строгите критериуми бараа и целото училиште да биде посветено на климатското образование, како што и се случи. Тимот составен од наставничките Виолета Петковска, Силвана Крстеска, Татјана Лошкоска, Габриела Неделкоска, Јованка Анѓелкоска, Билјана Марковиќ-Митков, Наташа Неданоска и Билјана Каланоска и нивните ученици екохерои беа несебично поддржани од целото училиште и успеаја да бидат препознаени меѓу 13.000 училишта од целиот свет и да ја освојат престижната ознака.
Активностите се одвиваа во шест последователни недели, а секоја од наставничките ги спроведуваше во својот клас. Покрај учењето за дадената тема во реални ситуации, учениците имаа можност да развиваат и различни вештини, како истражување, размислување, изведување заклучоци, па понатаму презентирање на сознанијата со помош на најразновидни компјутерски алатки.
Во рамките на првата недела од проектот, во зависност од возраста, учениците истражуваа и се запознаваа со причините и последиците од климатските промени како на глобално, така на локално ниво.
Сознанијата беа искористени за активности во втората недела, односно учениците размислувајќи за штетните последици од глобалното затоплување презедоа низа активности за да се намали тоа. Садеа дрвца и цвеќе во училишниот двор и нивното непосредно опкружување, возеа велосипеди, испраќајќи порака за намалување на емисијата на штетни гасови, собираа пластични шишиња и друг отпад што може да се рециклира, предлагаа користење на сончевата енергија за затоплување.Третата недела беше особено интересна, бидејќи учениците имаа можност да се запознаат со нивни истомисленици од Мумбаи, Индија, преку платформата Зум.
Притоа имаа можност да го презентираат сработеното, да чујат што сработиле другите, а и заеднички да продискутираат и да предложат решенија што тие би ги вовеле на микрониво, за да ги намалат ефектите на климатските промени.
Сумирање на резултатите
Сите активности и сознанија стекнати во претходниот период беа сумирани во
рамките на четвртата недела, кога учениците изработуваа видеопрезентации во кои ги изразуваа своите идеи и сознанија за да ја рашират пораката и да ги едуцираат врсниците, но и постарите, за сериозноста на проблемот и можните решенија.
Проследувајќи го Лего-вебинарот, учениците ја започнаа петтата недела од проектот и учествуваа и во Лего-предизвикот, во кој преку плакати се обидоа да ја издигнат јавната свест за заштита на кафената мечка како загрозен вид и на пчелите, кои се многу важни за опстанокот на сите живи организми на Земјата. Овие длабоко одговорни и освестувачки активности, во шестата недела се заокружија со писма до градоначалникот на Општина Охрид, со кои учениците испратија апел за помош во издигнувањето на јавната свест и надминување на последиците од климатските промени.
Крајот на неделата, како и целиот проект, беше во знакот на „Клајмат екшн деј“, односно денот кога се прогласуваа наградените училишта, кога со огромно задоволство и радост беше проследена веста дека ООУ „Кочо Рацин“-Охрид е едно од нив. Сите членови на тимот од училиштето на овој проект се стекнаа со назнака за едукатор и, покрај училишниот сертификати за успешно завршен проект, сертификати за успешна работа добија едукаторите и учениците.
Виолета Петковска, наставничка менторка, и тимот на ОУ„Кочо Рацин“-Охрид