Од творештвото на писателката Вера Симовска
На брегот на Северното Море
Во невреме едно
Сред тишина длабока и ледна,
Се најде белиот Дедо
Во дремка, тажна и сива
Седнат на санта една!
Плови Дедо Мраз
на онаа санта
Сред Северното Ледено Море
Под црвената капа се скрил,
Срцето за јадови го отворил.
Неговите
придружници верни
Во паника среде лута зима,
Низ вечниот мраз
се пробиваа
Со силна надеж итаа.
Дедо Мраз,
Дедо Мраз
Еве, доаѓаме
за неполн час!
Низ ширината
на Северниот Пол
Ечеше загрижено
нивниот глас.
Додека северниот ветер
Маглата ја мрсеше
во облаци бели
Дедо Мраз сѐ уште имаше срце – жарче светло
Кое добиваше пораки врели:
„Ти си стар, ти си стар,
Издржи! Заради нашата љубов
Твоето срце ќе стане
ѕвезда со дар…“
Сонот го опфати цел,
Остана сам во овој
вселенски дел!
Дедо Мраз помисли со мака
Како низ оџаците
Ништо нема да мине, и како
Во утрото прво под
елката китна
Дарови нема да има,
прв пат оваа зима!
Се кренаа сите деца во сон
Од сите страни на светот
Поитаа кон
Северниот Пол.
Се сретнаа сите крај брегот,
Каде што на
санта фатен
пловеше
добриот Дедо!
Северниот ветар
се сопре
во мигот,
Ледот престана
да се топи.
Дедо Мраз одненадеж
погледот го крена
Пред себе ги виде сите
омилени чеда.
„Во голема радост
сум сега
Кога сте покрај
мене сите
верни
Додека во дремка бев,
да ви кажам дека
Моето срце во себе
ѕвезда прими,
Ѕвездата ми даде дар
Секој ден да можам желба
да остварувам!
(Од книгата „Понорница“)
За авторката
Вера Симовска е родена во 1965 година во Котор, Црна Гора. Скопје
е градот на нејзиното детство и младост. Завршува Општа и компаративна
книжевност на државниот универзитет „Кирил и Методиј“. Постојано пишува,
но не објавува зашто е посветена на семејството и семејниот бизнис, кој е
сосема различен од книжевноста. Својата прва поетска
збирка со наслов „ЖИВО СЛОВО“ ја издава во 2011 година. Потоа следуваат збирките „ЧАША ПОЛНА СВЕТЛОСТ“ во 2013 г. и прозната збирка текстови „ИСТОЧЕН ХОРИЗОНТ“ во 2018 г. Досегашниот опус го пополнува книгата за деца, збирката песни и сценски игри во стихови насловени „ПОНОРНИЦА“. Сега пишува роман за возрасни, а друга збирка песни е готова за печатење. Работи и на детски роман со работен наслов „НИКА“.