Пред голем број присутни, во средата, на зелениот покрив во домот на културата „Кочо Рацин“ во Скопје, беа соопштени имињата на наградените автори на најдобри поетски творби, според одлуката на жирито на петтиот фестивал на поезија за деца „Стихувалки 2022“.

Првата награда е доделена за песната „Сонувалка“ од авторката Илина Јовановиќ Јаковчевска од Скопје, со моментално живеалиште во Германија.
Втората награда ја доби песната „Убавината на татковината“ од авторката Роза Костеска од Охрид, а третата награда е за песната „Мечето учи да брои“ од Славица Андреева од Струмица.

Специјална награда за освоени најголем број гласови од публиката освои Десанка Николова од Велес за песната „Среќата што е?“, која доби над 1.200 гласа.
Сите други 88 автори добија признанија за учеството и по еден примерок од збирката со поетски творби во издание на „Едука мак“.
На свеченоста им беа доделени и 28 благодарници на сите поддржувачи, помагатели, соработници и учесници на фестивалот.


Сонувалка

Штом денот се измори,
го покрие мрак
Сонувалка тивко доаѓа пак.
Во нов свет неуморно ме шета
каде што можам без крилја да летам.

Само тогаш можам што сакам
да бидам
и дното на морето да го видам.
Делфини и морско коњче јавам
и кула од песок и школки си правам.

На облак од шеќерна волна стојам
и боите на виножитото наглас
ги бројам.
Трчам брзо, да стигнам прв,
да го допрам со раце месечевиот врв.

Па ѕвезда по ѕвезда на небото газам
да не паднам на Земјата пазам.
А сончко штом бесшумно пушти сјај
на мојата Сонувалка ѝ доаѓа крај.

Па тријам очи и тегнам рака
иако да сонувам сѐ уште сакам.
Па се превртувам во креветот
повеќе пати,
молејќи се Сонувалка пак да
се врати.

Автор: Илина Јовановиќ
Јаковчевска