Наградени најдобрите учесници на конкурсот на Сојузот на просветните работници на Македонија, кои цртаа и пишуваа за Гоце Делчев
Сојузот на просветните работници на Македонија, по повод 150-годишнината од раѓањето на македонскиот револуционер и гoлем стратег за македонскиот народ, Гоце Делчев, пред извесно време распиша награден литературен и ликовен конкурс за основци и за средношколци, кој разбуди голем интерес.
Право на учество имаа сите ученици во земјава, поделени во четири категории.
Темата на која твореа талентираните ученици гласеше: „Гоце Делчев – голем херој и заштитник на својот македонски народ“ (во две категории: првата категорија за ученици од четврто до шесто одделение, а втората категорија од седмо до деветто одделение) и „Гоце Делчев – голем херој, стратег и идеолог за македонскиот народ“ (за ученици од средното образование).
Секое училиште можеше да учествува само со една до две најдобри творби во секоја категорија, напишани во поезија или во проза.
Исто така, учениците од другите заедници на нашата држава учествуваа на конкурсот со творби на својот мајчин јазик, задолжително преведени на македонски литературен јазик.
Во ликовниот дел учениците требаше да цртаат на темата: како го замислувам (сликовито) ликот на македонскиот револуционер Гоце Делчев (за ученици од основно образование до трето одделение); Гоце Делчев – голем херој и заштитник на својот македонски народ (во две категории: прва категорија за ученици од четврто до шесто одделение, а втора категорија од седмо до деветто одделение) и Гоце Делчев – голем херој, стратег и идеолог за македонскиот народ (за ученици од средно образование).
Конкурсот беше отворен на 1 март, а заклучен на 15 март годинава. Комисијата ги разгледа пристигнатите творби и на 30 март по електронски пат се одржа состанок и беше донесена одлука за доделување награди на ликовни и литературни творби на учениците учесници.
Комисија беше во состав: Лила Арсова – претседателка; м-р Љупка Стојменова – записничарка; Шерифе Алили – членка; Весна Настоска – членка; и м-р Весна Бошковска.
По вреднување на ликовните и литературните творби, Сојузот додели награди за 15 творби, ви претставуваме некои од нив.
Наградени од четврто до шесто одделение:
Камбаните бијат
Камбаните бијат, ѕвоната ѕвонат.
Абер одекна од Кукуша града,
јунак се роди, јунак македонски,
храбар и мудар, горд Егеец.
Камбаните бијат, ѕвоната ѕвонат.
Никола е среќен, Султана е горда.
Син ни се роди, син македонски.
Од скромно селанче, до одличен ученик,
од одличен ученик, до храбар борец.
Со својата мудрост, народот го сплоти,
за единствена цел, за слободна
Македонија.
Во борба ги поведе поробените
Македонци,
во борба за слобода и своите права.
Битки се водеа – по градови и села,
плачеа мајки по своите чеда.
А, даскалот наш, славниот Гоце,
со својата дружина чекореше смело,
од Пирин Планина, до Солуна града –
по високи планини и широки полиња.
И кога аскерот беше скоро на колена,
жална вест одекна од село Баница.
Во тешка борба за слобода наша,
загина Гоце, икона наша.
Прва награда: Марија Ивановска,
шесто одделение ПООУ „Илинден“, с. Конопница, Крива Паланка
Менторка: Дијана Илиевска
Наградени од седмо до деветто одделение:
Деветстотини и трета
Деветстотини и трета …
Деветстотини и трета, проклета!
Деветстотини и трета, а можеше да биде света, најсвета!
Година тажна. Година црна.
Славниот јунак таа ни го зеде!
Бестрашниот херој и него ни го зеде!
И заштитникот храбар ти ни го зеде!
Чуј Банице што ќе те прашам:
– Тагуваш ли, се срамиш ли
Зошто Делчев го предаде ти?!
Јунак над јунаци што земја родна бранел
зарем не можеше да го заштитиш ти?
Книга бела чиниш црно писмо
за него читам,
Ем да читаш ем да плачеш.
Воздивнувам и како пред очи да го гледам
Исправен, горд, за слобода решен
живот да даде,
со мисла чиста и желба една,
единствена, иста
СЛОБОДА!
А околу црвено црна боја
Трепет и нијанси
Црвената изгрев, копнеж, оган…
И живот и храброст и крв
Се точи ко вино ко смрт
И усвитена жар. Добро е!
Кришум нова надеж тлее.
Денови, месеци, години поминаа
А Даскалот еве го и денес е тука,
живее тој, во мене, во тебе, во сите нас
Во секое срце, во секоја душа
Неговиот лик,неговото дело,
неговата сенка
амајлија е, нѐ следи од дамнина
до вечноста
Како симбол на борбата и непокорот
на македонскиот род!
Прва награда: Сашка Билбиловска,
деветто одд. ОУ „М.К.Ататурк“
– Гостивар
Менторка: Виолета Танеска
Наградени во категоријата за средно образование:
Гоце Делчев – голем херој, стратег
и идеолог за македонскиот народ
Го знаете ли она чувство коешто ви кажува каде припаѓате? Чувството што ви го растреперува целото тело, ви го облива срцето со топлина и ви го замаглува погледот? Да, таа нежност и убавина. Она за што вреди да се живее. Го препознавте? Чувството на припадност – нераскинлива од километар видлива врска меѓу поединецот и местото каде што се родил и израснал. Тој патриотизам што тлее во нас не се стекнува.
Се раѓаш, растеш, заминуваш од гнездото, те заслепува сончев зрак, те гали топол ветрец, го достигнуваш врвот на својата креативност, среќен си, но празнината во тебе ти го притиска срцето како да ќе експлодира во секој момент. Настапува безгласна експлозија што те ранува само тебе, а ти, несвесен, се обидуваш да ја поднесеш. Залудно е. Каде и да одиш, не можеш да избегаш. Сфаќаш дека треба да се вратиш на бојното поле и да се бориш за своето.
„Делото на ослободувањето на еден народ е пред сè негово сопствено дело, на неговите сопствени раце“, рекол Гоце Делчев, најголемиот херој меѓу хероите. Човек што никогаш не го напуштила мислата да го задржи она што му припаѓа на културен и достоинствен начин. Човек на кој треба секој да се огледа. Живее за татковината. Не дозволува да го повлечат канџите на предавството што со себе носи каење. Созрева, трудејќи се да го врати одземеното, да го задржи преостанатото и да го зачува угледот на браќата. Го замислува светот како поле за културен натпревар меѓу народите. Ги негира егоизмот, подмолноста и алчноста, иако не го оставаат намира. Со еден збор, тој е човек што во себе чува богатство вредно за целиот свет.
Боли. Навистина боли кога гледаш како она од што си дел полека се распаѓа пред твоите очи. Уште поболно е кога не можеш да сториш ништо. Но што ќе ти е животот ако не се обидеш да го спасиш она што ти било поддршка кога си паѓал, кога си се радувал? Што ќе ти е животот ако го изгубиш засекогаш она чиешто име со гордост го изговараш?
…….
Не се знае дали ќе успееме. Не се знае дали повторно ќе се насмееме. Но ги знаеме деновите кога нашиот јунак, Гоце, јуначки се борел, трпејќи болка, треперејќи од страв да не проголта црната земја нечиј брат, татко, син, нечиј херој. И, само ни останува да се гордееме, да го разгоруваме огнот на надежта, кој би се изгасил со неколку капки вода, онаа што дава живот, но и онаа што е виновна за празното и мирно море, осамено без ниту еден брод.
Нема откажување! Не ни доликува. Уништувањето нема да запре – траело и ќе трае, но нашето искоренување ќе запре. Верувам дека ќе ни се врати Гоцевиот углед, зашто Гоце Делчев никогаш и не замина…
Извадок од првонаградената творба на Бојана Јованчева, 4-5 клас.
СОУ ,,Љупчо Сантов“, Кочани
Ментор: проф. Александар Димитров
Најдобри ликовни творби
Најдобрите ликовни творби ги направија:
Прва награда: Леона Станикевска, трето одд. – ООУ „Блаже Конески“ – Скопје
Менторка: Јадранка Клисарова
Втора награда: Ангела Алексовска, прво одд. – ООУ „Петар Поп Арсов“ -Богомила
Менторка: Зорица Адамчевска
Втора награда: Аника Манчевска, трето-а одд. – ООУ „Владо Тасевски“ – Скопје
Менторка: Жаклина Миланковска
Трета награда: Ана Велјановска, трето одд. – ООУ „Лирија“ – Тетово
Менторка: Маја Димитровска
Трета награда: Мила Јошевска, трето одд. – ООУ „Владо Тасевски“ – Скопје