Фото: Маја Јаневска-Илиева

Почна битката за знаење на најмалите ученици

Новите првачиња на 1 септември за првпат влегоа во училишната зграда на ООУ „Кузман Јосифовски-Питу“ во Скопје. Во училишниот двор беше одржана свеченост во нивна чест. Постарите соученици ги поздравија најмалите ученици со музичка точка, како и Зоки Поки и Лидија, децата од драмската секција, кои ја изведоа пиесата од омилената лектира. Училишниот хор ги отпеа државната химна и химната на училиштето.
На првачињата топло добредојде им посака и директорот Андреј Стојанов. Сите заедно ја повторија заклетвата за првачињата. Некои пуштија и понекоја солза, но веднаш до нив беа и нивните наставнички да им дадат поддршка. Се засладија со бонбони, за сладок почеток, и наставничките грижливо ги наредија во колона по двајца за да ги внесат во училниците. Родителите и постарите ученици ги испратија со аплауз, а не изостана и понекој бакнеж од мајките. М.Ј.И.


Сончев дворец

Летото во игра ни мина,
најубав спомен е веќе,
книгата со нас е мила,
лична ко најнежно цвеќе.

Еве ја есента дојде,
плодови донесе зрели.
Ѕвончето милно нѐ вика,
утрото насмевки дели.

Има еден сончев дворец,
што го чува златно клуче.
Име му е книга мила,
а го има тој што учи.

Перо Миленкоски

Првачето учи

Наведнало глава,
пишува, се мачи,
тоа му се први
домашни задачи.
Во кујната мама
подготвува ручек,
потивко, ве молам,
првачето учи.
Дедо нешто збори,
мустаќот го сучи,
потивко, ве молам,
првачето учи.
Прозорецот се тресе,
ветрот вее, фучи,
ај, смири се, ветре,
првачето учи!?

Наум Попески

Првиот училиштен ден

Другари од времето старо,
еден Марко и еден Влатко,
– ене ги на тротоарот,
си се смеат гласно, слатко!
– Прваче сум јас од есен –
со право се фали Ристо.
– Не прави се многу бесен:
глеј, пораснав и јас исто!

– Гледај каков ранец имам,
тука сѐ е ново, чисто,
честитки од секој примам!
И јас исто, и јас исто!

Збогум детски игри наши,
смеалици, лутеници,
не сме веќе деца мали,
отсега сме ученици!

Томе Арсовски

Училиште

Дечиња мили
со бистри очи,
во училници влегуваат
како бисер да се точи.

Првачиња мали
за учење загреани
доаѓаат во училиште
весели насмеани.

Во училиштето
со љубов ќе дружат
добрите учители
знаење ќе им пружат.

Благородна Тодоровска-Никодиноска