Ако размислам здраво – брат ми има право

Во „Колибри“ објавуваме делови од книгата „Од дневникот на Васко Пикаско и Зорка Сештозборка“ на познатиот македонски писател за деца Киро Донев. И ова дело на мајсторот на римите е ведра, интересна и поучна книга, а преку белешките на сестричката и братчето, двајцата палавковци, ќе можете да ѕирнете во нивниот шарен свет, по нешто да научите, да се насмеете и со нетрпение да го очекувате секој нареден број на вашето омилено четиво

Низ страниците на македонската литература за деца. „Од дневникот на Васко Пикаско и Зорка Сештозборка“ на Киро Донев (3)

Новата година, ене ја на прагот… Ах, колку ми е мило, убаво, драго! Пред секој голем празник многу се вознемирувам… Па речиси и без причина често се изнервирувам…
Еве и сега, дома, сѐ ни е нагласено. Секое катче супер ни е украсено. И за јадење и пиење од сѐ по нешто има. По пет-шест честитки секој ден си примам.
Но преубавите мигови на внимателност ме учат. Зашто и непредвидени нешта можат да се случат.
Меѓу брат ми Васко и мене, денес, пак стана мала закачка. Тој сакал елка природна – а јас веќе нарачав – вештачка…
И нему за миг „филмот“ му „пукна“.
– Срам да ти е. Дедо Мраз само еднаш годишно иде. Елката мора природна да ни биде!
– Ама јас веќе, Васко – елката ја имам нарачано…
– Ќе ја вратиш и сѐ што треба на неа да е закачено! Замисли си: вештачки украси, вештачка елка… Ти глава ли имаш, или пресна зелка!
– Знаеш ли – му вратив – луѓето што ќе речат? „Ние пошумуваме, а тие ели сечат!“… Ете, поради тоа ним им мине модата. На секој по една природна елка и – ќе ја разголиме природата!
По оваа моја лекција, брат ми го зафати „бура“:
– Ти ли ќе ме учиш мене на бонтон-култура!? Си мислиш: „Тој е уште во прво одделение, па не знае ништо“. Јас и дедо, да знаеш, решивме така, а ти жали се кај сакаш ако имаш мака!
Се направив, божем, дека грешам, му пријдов и почнав мирно да го тешам:
– Да купите елка со дедо сте договорени?
– Се разбира, во саксија и тоа – со корени! Ќе ја накитиме и нема да ја вадиме. Дури напролет во дворот ќе ја засадиме!
Да бидам искрена и ако размислам здраво, брат ми овој пат – сто отсто има право. Ме фати во небрано, нема кај да се бега.
– Тогаш, кажи – му реков – што да правам сега?
Тој победнички почна да се смешка:
– Жалам, сестро, пак направи грешка! Се надевам дека сега без отпор ќе сфатиш, вештачката елка – ќе мора да ја вратиш! Без мене во иднина не прави никаква зделка, па макар да станува збор и за обична пластична елка!

Вашата Зорка Сештозборка


За авторот

Познатиот македонски писател за деца и млади Киро Донев е роден во селото Моноспитово, Струмичко, на 21 март 1942 година. Беше новинар, главен и одговорен уредник и директор на „Детска радост“ при НИП „Нова Македонија“. Член е на ДПМ од 1970 година. Денес, како пензионер, живее во родното село.
Автор е на голем број книги за деца, почнувајќи од првата поетска збирка „Жаба спикер“, издадена во 1967 година, до последната „Било и се скрило“, издадена по половина век, во 2017 година.
Автор е и на десетина радио и ТВ-драми за деца и млади. Неговите книги се преведени на: српскохрватски, турски, албански, бугарски, украински и руски јазик.
Добитник е на наградите: „Гоцева повелба“ – Подгорци, „Ванчо Николески“ за најдобра книга за деца, „Курирче“ и „Струшко изгрејсонце“ на фондацијата „Македонија презент“ и „Големиот принц“ од издавачката куќа „Феникс“.
Негово последно дело е книгата „Видое Подгорец – незавршена приказна“, романизирана биографија, која Донев ја напишал за својот соработник и пријател или, како што тој честопати знае да каже, „батко и духовен татко“.