Хумана страница

Доколку сѐ уште не сте го сториле тоа, вклучете се во хуманитарната акција на познатата македонска компанија „Алкалоид“. Ви откриваме како да го сторите тоа и која е целта на оваа мисија.
Една од најпопуларните и најоптимистични македонски песни, антологиската „Чукни во дрво“ на групата „Леб и сол“, доби нова верзија.
Изведувана и преработувана повеќе од три децении, од сериозни музичари од земјава и од регионот, овој пат довербата за нејзината изведба авторот Влатко Стефановски им ја додели на најмладите. Безвременските стихови и уникатната преработка и изведба од децата што се дел од проектот „Дајте музика“ добија и хуманитарна нота.
Видеоспотот е во режија на Игор Иванов-Изи, за чија реализацијата се погрижи екипа од продуцентската куќа „Вертиго вижуалс“. Преработката на музиката, која се подготвуваше од јануари годинава, е во реализација на музичкиот продуцент Мите Димовски и студиото „Тралала“.

Приказната во видеоспотот поаѓа од изработка на картички, кои најмалите деца ги подготвуваат во училишниот двор, а се наменети за општествените категории граѓани, кои, иако беа засегнати со пандемијата, во ниту еден момент не запреа со своите дејности. Картичките со порака „Ви благодариме! Здравјето пред сѐ“, поголемите другари и членовите на бендот ги дистрибуираат до полицијата, фармацевтите, пекарите, градскиот превоз, уметниците, здравствените работници и други. Тие се хероите од времето на новото нормално, кои неуморно се грижеа за навремена достава на храна, лекови и други основни намирници, се бореа за секој човечки живот, се грижеа за јавниот ред и мир, комуналната хигиена, редовниот превоз, доставата и за непречено функционирање на основните потреби на граѓаните за време на пандемијата.
Видеоспотот е поставен на дигиталните канали на „Алкалоид“ АД (Јутјуб, Фејсбук и Инстаграм), а акцијата трае од 10 јуни до 20 септември годинава и е спроведена по повод 85-годишниот јубилеј на компанијата. За секој преглед на видеоспотот, ѝ се донира по еден денар на Универзитетската клиника за детски болести во Скопје.
Линкот преку кој и вие можете да бидете дел од овој хуман синџир е:
https://www.facebook.com/watch/?ref=external&v=5608848675855926