Пријатели на децата: Ленче Китанова, наставничка по македонски јазик во ОУ „Методи Митевски-Брицо“ во Лозово
Образованието значи постојана надградба, и тоа не се однесува само за учениците туку и за наставниците, вели Ленче Китанова
За помалку од еден месец училишните клупи пак ќе се радуваат што на нив ќе седат дечиња што ќе учат, ќе другаруваат, ќе се забавуваат. На одмор се и нивните наставници.
Но некои од нив не мируваат дури ни кога е лето. Таква е и наставничката по македонски јазик Ленче Китанова од ОУ „Методи Митевски-Брицо“ од Лозово, на која пред неколку дена од печат ѝ излегоа две нови книги, еден роман и една поетска збирка.
И бидејќи постојано е некаде заитана, на форуми, на конференции, на натпревари со своите ученици, ние дури летово успеавме да ѝ украдеме малку време, да поразговараме со неа, за да ни раскаже за дел од успесите што ги нижеше лично и со своите ученици во изминатава учебна година.
– Особено се радувам што мојот ученик Марко Сачевски од 9 одделение, од нашето училиште „Методи Митевски-Брицо“, го освои првото место, со 100 бода, на државниот натпревар по македонски јазик. Оваа награда е уште позначајна за нас кога ќе се земе предвид дека доаѓаме од мало селско училиште, само со 17 ученика во деветто одделение – со радост ни се пофали наставничката Ленче Китанова.
Иако живееме во современ свет, „селските учителки“ сѐ уште се соочуваат со проблеми и сѐ уште возејќи се во ладните комби-возила стигнуваат до селата, а патот од постојките до училиштата го врват со каливи чевли низ селските уличиња. Но за оној што има љубов кон децата и желба да направи нешто повеќе, проблемите не се пречка, туку предизвик. Ленче Китанова е добитничка на повеќе од сто и педесет награди, признанија и дипломи на домашни и меѓународни натпревари во Македонија, Бугарија, Србија, Русија, Италија, а сето тоа резултира со титулата просветен работник на годината, која ѝ е доделена од Сојузот на просветните работници на РС Македонија во 2015 година.
Преку рачна изработка на честитки по повод Нова година и 8 Март, мартинки по повод 1 март, учениците учеа за традицијата и празниците, но и на дело ја покажаа својата креативност.
Под менторство на наставничката Китанова, учениците од деветто одделение во текот на годината имаа неколку нивни предавања на темите „Меѓуврсничко насилство – булинг“, кое, за среќа, не постои во нивното училиште, и на темата „Пороците на денешницата“, каде што покрај цигарите, дрогата и алкохолот, го опфатија и комарот.
Како што вели наставничката, ефектот од овие работилници е голем затоа што учениците размислуваат и одлучуваат да ги прифатат поуките и да тргнат по вистинскиот пат, а тоа е целта на воспитно-образовниот процес.
Посебен успех доживеаја учениците од драмската секција под менторство на Китанова, кои годинава драмски ја разработуваа безвременската љубов на убавата битолчанка Елени Каринте и таткото на современа Турција, Мустафа Кемал Ататурк. Со научен текст, драмско умеење и професионални костими позајмени од театарот во Штип, учениците се претставија на училишните приредби, но и на образовната емисија со долга традиција „Ѕвон“ на Македонската радио-телевизија.
– Образованието значи постојана надградба, и тоа не се однесува на само за учениците туку и за наставниците. Токму затоа, сѐ уште сум активна на семинари, конференции, работилници, натпревари, фестивали и форуми. Се трудам професионално да одговорам на мојот позив и да бидам добар пример за учениците, укажувајќи им дека учиме додека сме живи – вели Ленче Китанова, која е во друштво со најдобрите наставници од бивша Југославија и која ја посети образовната конференција на наставници во Црна Гора.
Слободното време Китанова го исполнува со создавање уметничка литература. Оваа наставничка, која секогаш е ведра, позитивна и расположена за дружба и соработка, е авторка на пет книги, и тоа два романа, две стихозбирки и една збирка раскази.