ГЛОБАЛНА ИНИЦИЈАТИВА
Дваесет ученици од основното училиште „Владо Тасевски“ од Скопје се избрани за амбасадори на среќата и со наставничката по англиски јазик Виолета Панев се дел од меѓународниот проект „Хумана среќа“, заедно со нивни врсници од 40 земји во светот.
„Хумана среќа“ е меѓународен проект, во кој учествуваат над 250 наставници од 40 држави, кои заедно со своите 3.500 ученици решија да се обидат да го направат светот посреќен.
Мисијата и визијата за животните вештини се едноставни: сакаме да разбудиме сочувство кај децата во овие необични времиња и да истражуваме различни можности за постигнување и ширење на среќата. Овој проект е базиран на истражување преку собирање и увид во анализа на податоците во рамките на активностите.Среќата е поважна од кога било досега во ова нестабилно и турбулентно време, бидејќи децата се најранлива категорија за лошите ефекти на денешните предизвици – вели Прамод Тубе, основач на проектот од Махараштра, Индија.
Како што вели, тој бил инспириран од делото „Уметноста на среќата“ на врховниот поглавар на тибетските будисти далај-лама.
Учениците во проектот се нарекуваат амбасадори на среќата, а негови главни придобивки се културно разбирање, емпатија и креативно размислување.
Децата творат преку алатките за далечинско учење на Мајкрософт, Флипгрид, Вакелет и други формулари, кои во процесот на учење се спроведени од наставниците ментори-инструктори на проектот.
Инструкторката едукаторка Виолета Панев истакнува дека придобивките на проектните активности се: промовирање благосостојба, задоволство и чувство на среќа кај децата, исполнетост, зголемување на самодовербата, отвореност во комуникацијата, инклузивност и зголемување на вештините за решавање на предизвиците.
Истовремено ова преставува можност за олеснување на постојната глобална епидемија на коронавирусот, која ги затвори училишта и предизвика недостиг од интеракција и социјална комуникација, преку зајакнување на животните вештини, како цели на Обединетите нации. Тоа се: решавање проблеми и конструктивно мислење, донесување одлуки, справување со предизвици, наоѓање решенија, справување со емоции и развивање емпатија, самосвест за својата личност и критичко и креативно размислување. Проектите се од посебно значење за вклучените ученици од аспект на развивање на јазичните, дигиталните, социоемоционалните компетенции, како и комуникациските вештини базирани на вредности и почит – посочува Виолета Панев.
Проектот „Хумана среќа“ се одвива во три фази, а учениците се вклучени во активности на индивидуално и колективно ниво и во активности за одржлива среќа. На пример, посочување на среќни моменти во животот на децата, инклузивност на учениците што не можат да посетуваат настава, одржлива цел за еднаквост, недела на љубезност, пресметување на еколошките стапки, изработка на среќни срца итн.
Да се биде среќен е постигнување благосостојба за личноста, но и за општеството исто така. Кога децата се среќни, тие стануваат идни глобални граѓани, кои настојуваат да ги постигнат целите на одржлив развој.
Проектот започна во јануари годинава и трае 4-5 месеци, со заокружување на завршната церемонија на „Часови на хумана среќа“ (Humane Happiness Hours), каде што над 100 амбасадори и инструктори за среќа ќе ги споделат своите учења, искуства и влијанието на проектот преку 46 презентации во текот на 10 часа. Настанот, чиј дел ќе бидат и светски лидери, врвни бизнисмени и јавни личности, ќе го следат над 4.000 учесници.