Серијата за деца „Зоки Поки“ продолжува да ја освојува Скандинавија. По најавата за емитувањето на Шведската национална телевизија (СВТ), односно на нивниот специјализиран канал за детска програма СВТ барн, пристигна и убава вест за емитување во Норвешка, на националната телевизија НРК.
Заслуга за емитувањето во овие земји има дистрибутерот „Видеоплугер Лтд“од Лондон, кој го препозна интернационалниот потенцијал на серијата.
„Зоки Поки“ е првата македонска серија и воопшто програма од овие простори што некогаш се емитувала на овие телевизии.
Зоки Поки, Лидија, Гоки и Боки ќе зборуваат на шведски и на норвешки, а преку нивните забавни и поучни искуства ќе се зајакнуваат вредностите на едукацијата, родовата еднаквост, диверзитетот и квалитетот кон кои се стреми Шведската национална телевизија.
Модерната екранизација на саканата детска книга на писателката Оливера Николова, со која израснале многу генерации, е во продукција на „Кинооко“, во копродукција со Македонската радио-телевизија и со финансиска поддршка од Агенцијата за филм на Македонија.
Десетте епизоди од првата сезона на ТВ-серијата премиерно се емитуваа на првата програма на МРТВ, во периодот од мај до јуни 2020 година. Снимањето на втората сезона сѐ уште е во неизвесност, поради недостиг од финансиски средства.
За режисерот Александар Поповски, приказната за Зоки Поки има во себе еден по малку заборавен свет на вредности што во нашето детство беа наше секојдневие.
– Една топлина кога верувавме дека надворешниот свет е најсигурниот и најубав свет, во кој секое дете има некое свое место. Првата сезона покажа дека публиката и децата ги препознаа овие вредности и дека навистина вредеше да се направи овој проект. Сега многу зависи од сите нас дали оваа идеја ќе продолжи да живее понатаму. Навистина чувствувам потреба да кажам дека ќе биде голема грешка доколку застанеме тука и не направиме вистински серијал од повеќе сезони. „Зоки Поки“ може да биде голема инвестиција не само во телевизискиот туку и во едукативниот и емотивниот свет, кој толку многу ни недостига – вели Александар Поповски.
Освен Поповски, режисери на серијата се и Марија Апчевска, Даријан Пејовски и Радован Петровиќ. Сценаријата ги напишаа Сашо Кокаланов и Билјана Црвенковска.
Главните улоги во серијата ги толкуваат Матеј Настевски (Зоки), Анастасија Аневска (Лидија), Матео Матоски (Боки) и Матеј Зимбаков (Гоки). Покрај детската екипа, во серијата играат и Сашко Коцев и Даниела Иваноска, кои ги глумат родителите на Зоки и Сабина Ајрула-Тозија, во улогата на неговата баба.
Сите епизоди од првата сезона се достапни за гледање на официјалната веб-страница на серијата, како и на Детскиот канал на МРТ.