Онлајн премиера на новогодишната претстава за деца во Кавадарци

Новогодишното изненадување што за најмладите љубители на театарот во Кавадарци го подготви домот на културата „Иван Мазов-Климе“ е насловено „Дедо Мраз и куклите“. Станува збор за една необична претстава во која, освен една интересна приказна поврзана со најпознатиот белобрад дедо на светот, можат да се видат и повеќе од 100 мали балерини, кои танцуваат на прекрасни светски познати божиќни песни.
Поради пандемијата на коронавирусот и масовниот број учесници во претставата, годинава организаторите одлучија таа да се прикажува онлајн.
Ќе ви откриеме и дел од приказната. Станува збор за најновото изненадување што го подготвува Дедо Мраз за децата, седум нови серии кукли што знаат и да танцуваат. Во оваа новогодишна трчаница и брканица во работилницата на Дедо Мраз сѐ ќе биде добро, додека како во филмот „Ноќ во музејот“ не се разбудат познатите ликови од бајките за да се побунат дека се заборавени, отпишани и пензионирани. На крајот разврската на претставата, сепак, ја носи Дедо Мраз, кој го открива најновиот план, според кој, ликовите од бајките за Нова година ќе бидат негови придружници, бидејќи тие ќе им ги носат подароците на децата од целиот свет.

Така, на пример, Док Холидеј ќе се грижи за здравјето на ирвасите, Снежната кралица ќе обезбеди бела покривка од снегулки, светилникот Лимиер ќе го осветлува патот, добрата самовила ќе шири радост и среќа насекаде меѓу децата, а лошата вештерка, овој пат ќе користи добра магија и многу волшепства, додека Лименко ќе му помага на Дедо Мраз да ги дели подароците.
– За новогодишната претстава ги искористив ликовите од еден друг проект и со вклучување на малите балерини од балетското студио „Венус“ и со кореографиите на Билјана Грозданова и Ана Балова, излеговме од едно вообичаено клише и направивме претстава придржувајќи се кон предвидените мерки во услови на пандемија – вели режисерот Александар Малинков.

Тој е и автор на текстот, а исто така ја толкува улогата на Дедо Мраз. Како Боцко, првиот асистент на Дедо Мраз се појавува Диме Боцев, девојчето Лили е Сијче Трајкова, а ликовите од бајките ги толкуваат познатите актери: Стојанче Ванѓелов, Смиља Бошкова, Сашко Орешков, Ангел Милков и Кристина Јованова. Костимите се на Сара Милевска. Ми.М.