Низ страниците на македонската литература за деца:
„Децата од нашата улица“ на Неџати Зекерија
Дали има некој што не го сака стариот поштар со долгите мустаци?
– Кој ни носи писма?
– Поштарот.
– А пакети?
– Поштарот. Секогаш тој. Не обѕирајќи се на снег и мраз, тој чука на нашите порти и ни носи грстови смеа и радост.
Но веќе прилично остаре нашиот поштар. Утре ќе биде пензиониран. Денес последен пат раздава писма и пакети. Децата од нашава улица го знаеја ова, та затоа кога го видоа, му се приближија и го опколија од сите страни.
– Дали е вистина дека веќе нема да ни носиш писма? – праша едно дете.
– Да. Вистина е – тивко одговори поштарот.
Очите му се наполнија со солзи. Зашто тој ги сакаше децата од нашата улица, исто како и своите внучиња, Ерол и Севим. Тешко можеше да си го замисли животот без да се пошегува со нив. Тешко можеше да издржи без нивните насмевнати погледи. Повеќе не ќе може да ги зарадува нивните детски очи.
И децата беа возбудени.
– Уште малку да пораснеме – рече Орхан – и ќе ти купиме веспа, за да можеш пак да ни носиш писма и пакети.
Поштарот со секое дете се прости посебно. Поздравувајќи се со нив од очите му се одронија две крупни солзи.
Утринава по нашата улица минуваше една веспа, па затоа се сетив на стариот поштар.
Најскап кој е
Орхановиот дедо праша:
– Кого ти најмногу го сакаш?
– Тебе, одговори Орхан.
Орхан доби сладолед.
Орхановата баба праша:
– Кого ти најмногу го сакаш?
– Тебе, одговори Орхан.
Орхан доби чоколада.
Орхановиот татко праша:
– Кого ти најмногу го сакаш?
– Тебе, одговори Орхан.
Орхан појде в кино.
Орхановата мајка го праша:
– Кого ти најмногу го сакаш?
– Тебе, одговори.
Орхан е на летечка чинија во Луна паркот.
Денес кај Орханови дојдоа гости.
– Орхан, кого ти најмногу го сакаш? – праша еден од дојдените.
Таму беа баба му, дедо му, татко му и мајка му.
Орхан не одговори, туку веднаш излезе на улица.
За авторот
Неџати Зекерија (11 ноември 1928 во Скопје – 10 јуни 1988 г. Нови Сад) е поет, раскажувач, писател за деца, преведувач од турската националност во Македонија. Завршил Филозофски факултет во Скопје. Работел како уредник во редакцијата „Бирлик“ при НИП „Нова Македонија“. Член на ДПМ е од 1951 година.
Неџати Зекерија веднаш по војната почнал да пишува свои стихотворби, кои ги објавувал во весникот „Бирлик“. Таму всушност и го започнал своето книжевно дело. Во 1949 г. во книгата „Македонија генч турк јазарларин есерлери“ биле сместени 14 негови песни. Во 1950 ја добил литературната награда „Халк џумхуријети“, а истата година му била објавена и првата книга од издавачката куќа „Ново поколение“.
Најголема популарност стекнал со своите раскази за деца, кои се преведени на неколку јазици и издадени во повеќе странски земји.
Објавени дела: „Лирика“ (1950), „Школско ѕвонче“ (поезија за деца, 1952),„Зајак“,(поезија за деца, 1953), „Каде сум“ (поезија, 1953),„Булка“ (поезија, 1954), „Црвени обетки“ (поезија за деца, 1958), „Заспивалки“ (поезија за деца 1964), „Љубов“ (поезија, 1965), „Децата од нашата улица“ (раскази за деца, 1966), „Капки“ (поезија, 1967), „Децата од новата улица“ (раскази за деца, 1967), „Орхан“ (раскази за деца, 1973), „Каде е зеленото“ (поезија, 1975), „Варијации за Лорка“ (поезија, 1977), „Ромео и Јулија од нашата улица“ (раскази за деца, 1978), „Старо купувам, ново продавам“ (раскази за деца, 1982) и други.