Денеска завршува деветтото издание на фестивалот за деца и млади „Џифони Македонија“
Филмската недела што ги окупира младите филмофили во Скопје и низ цела Македонија завршува денеска. Под мотото „Подобрувајќи го светот“ (Improving the world), ќе се заокружи деветтото издание на филмскиот фестивал за деца и млади „Џифони Македонија“, кој се случуваше на познатите локации: Кинотеката и Младинскиот културен центар, а секако и онлајн.
Благодарение на поддршката од Агенцијaта за филм, Министерството за култура, „Џифони Италија“ и во последните години благодарение на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, чија поддршка особено од минатата година е многу важна, и годинава фестивалот имаше богата содржина.
– Се радуваме што по две години повторно сме во Македонија. Особено ни се драги младите креативци што се учесници на „Џифони Италија“. Тие се секогаш најактивни, се истакнуваат по елоквенцијата и оригиналноста. Повторното доаѓање во киносалите е знак на нов почеток и нешто што многу ни недостига. Културата не смее да ја снема, што и да се случува во светот, таа ни треба. За време на пандемијата сфативме колку ни недостигаат близината, прегратките, насмевките. И во 2022 година ќе почнеме нов пат и ќе се концентрираме на овие вредности повеќе – вели Јакопо Губитози, извршен директор на „Џифони експериенс“, кој беше дел од годинашното издание.
Амбасадорот на Италија во нашата земја, Андреа Силвестри, активно се вклучи во фестивалската програма, бидејќи и самиот е љубител на филмската уметност.
– Се радувам што повторно сме во киносала, каде што се случува магијата. Годинава има 180 млади што учествуваат на „Џифони“, кој секогаш бил повеќе од филмски фестивал. Ова е место каде што младите учат да дебатираат, учат за животот од филмовите. Киното не е само забава – им порача Силвестри на младите на отворањето.
Предавање за стрип-културата
Во текот на првиот фестивалски ден, во Младинскиот културен центар и во Кинотеката, џифонците ги гледаа првите филмови и почнаа со работилниците што ги избраа.
Италијанскиот амбасадор Силвестри одржа предавање на темата „Дали цртаните и стрипот може да се користат за пропаганда?“.
Тој ја сподели својата голема страст кон стрип-културата и преку примери од светската продукција на стрипови и цртани филмови од минатиот век, им ги долови и најсуптилните начини со кои филмската уметност, цртаните и стриповите се послужиле во минатото за да наметнат некаква идеологија.
Амбасадорот беше позитивно изненаден од знаењето и љубопитноста на младите во Македонија токму на оваа тема.
Селекторот на „Џифони експериенс“, Розарио Минервини, сподели врз која основа се прават селекциите на филмовите што ги избираат во Италија. Некогаш е деликатно да се одреди дали некој филм е за 15 или за 16 години, на пример.
– Воопшто не е едноставно да се избере филм. Кај филмовите за помалите деца внимаваме дали еден филм ќе предизвика емпатија, па макар и да трае повеќе од 10 минути. Штом го задржува вниманието на децата, значи дека не сме згрешиле. Јас и самиот сум режисер на документарци и за мене тоа е важно, кај децата да се создаде емпатија – рече Минервини.
Интересни работилници
И во наредните денови сите групи ученици беа вклучени во работилници по нивен интерес – за филм, фотографија, анимиран филм, новинарство, дигитален дизајн и ликовна. Секое дете учесник во својата категорија гледаше по четири филма, по што следуваа интересни дискусии. Годинава беа воведени и т.н. хабови, во кои педесетина средношколци од пет града ја следат програмата на фестивалот онлајн. Најактивните џифонци ќе добијат награда да патуваат во Џифони, на италијанското издание на фестивалот во 2022 година.
– На наша голема радост, за неколку дена беше пополнет бројот на учесници, кој годинава моравме да го намалиме на 180 во основните и средните училишта од Скопје, кои заедно гледаа филмови и учествуваа на креативни работилници, мастеркласови и други интересни содржини. Се надеваме дека в година, на јубилејното издание, ситуацијата ќе се нормализира и ќе направиме многу повеќе за децата и за младите – рече Дарко Башески, директор на фестивалот.
Во годинашната програма имаше 17 проекции на играни филмови, а беа прикажани и 28 кратки во официјалната програма. Секој ден по проекцијата имаше дискусија, а во вечерните часови во Кинотеката се организираше „Џифони +“, програма фокусирана на односите меѓу децата и родителите, инспирирана од „Џифони Италија“.
– Македонското издание на фестивалот се роди како идеја да се пренесе италијанското искуство кај нас. Сведоци за успехот на нашиот фестивал се младите што сега се студенти, дипломирани, успешни во филмската и креативната индустрија, кои своите таленти ги откриле токму на „Џифони Македонија“. Инаку, годинава имавме богата програма, која нималку не се разликуваше од годините кога немавме рестрикции,.За учесниците од другите градови организираме т.н. хабови, со пет средни училишта од Прилеп, Куманово, Охрид, Маврово-Ростуше и Кавадарци, а покрај нив онлајн се вклучија и триесетина учесници од странство: Италија, Хрватска, Полска, Романија – вели програмската директорка Деа Крстевска Тамборини.
Марко Чезаро, проект-менаџер за „Џифони Македонија“ од страна на „Џифони Италија“, исто така беше во Скопје.
Тука сме за младите што го сакаат „Џифони“. Во 2020 година ги одложивме сите меѓународни проекти, освен „Џифони Македонија“. Сето ова е само подготовка за следната година и одбележување на 10-то јубилејно издание, кога се надевам дека ќе бидеме побројни и без маски– рече Чезаро.
Тој најави и нов проект за млади луѓе за размена на средношколци и студенти меѓу двете земји.
Стефан Божиновски го претстави филмот „Тука сум“
Филмот „Тука сум“ на младиот автор Стефан Божиновски предизвика големо внимание кај средношколците што учествуваат на „Џифони Македонија“. Дебитантскиот краток филм на Божиновски, кој е студент по графика на Факултетот за ликовна уметност во Скопје, ги поттикна филмофилите да разговараат на темата што беше во фокусот на филмот: неприфаќање на различностите и стереотипите што владеат посебно во самите семејства каде што има лице со различна сексуална определба. Главните улоги во филмот ги толкуваат Тања Кочовска, Предраг Павловски и Мартин Ѓоргиев.
Веднаш по презентацијата на „Тука сум“, следуваше средба со „Марви продакшн“, продукциска куќа на група ентузијасти, некогашни џифонци, кои во последните неколку години снимаат филмови и серии. Тимот го предводи младиот режисер Мартин Чичовски, кој заедно со Оливера Каменаровска зборуваше за нивниот последен проект „Другата страна“. Станува збор за филм наменет за деца, жанр што кај нас е многу малку застапен.
„Марви продакшн“ го сними и вториот долгометражен филм.
– Сè започна овде, на „Џифони“, во 2017 година. Сите сакаме странски ТВ-серии, но ние решивме да снимиме нешто македонско, со наши, македонски приказни. Се мачевме за финансии, но во еден момент ни помогна Делегацијата на ЕУ во Скопје, со проектот „ЕУ за тебе“, и тоа ја олесни работата. Сè уште го снимаме „Тремор“ – вели Мартин.
Во текот на фестивалот беше прикажан краткиот филм „Клетка“ (Тhe Cell) на Леона Јариќ, активна учесничка на „Џифони“, а режисерката Ана Андонова гостуваше со филмот „Лили“, документарец за животот на азербејџанскиот квир-активист Лили, кој преку својата уметност зборува за родова еднаквост и насилство врз жените и транслицата.
Фестивалот ќе биде затворен со прогласување на победниците, а традиционално ќе биде прикажано сработеното во сите изминати фестивалски денови.