Се согласувате, не сложувате

Зборуваме македонски со Владо Димовски (48)

Има разни болести, но оваа на Петрета, на не толку познатиот естраден уметник е нешто… Кога е во творечки занес обично влегува во долги здодевни монолози. Петре зборува… Драги пријатели, во секое актерство треба да има спонтаност. Се сложувате?! Особено ми пречат нападни пораки и директни педагошки приказни. Се сложувате?!… Сакам ликови со кои ќе се идентификувам. Се сложувате со мене, нели?! Тоа е Петре. А, јас велам дека ние не се сложуваме со некого или со нешто, туку се согласуваме. Верувам во едно се согласуваме сите: ајде да зборуваме македонски!

За крај, да ве расположам со еден афоризам: „И празните ветувања се полни со… лаги!“ Со арно, со убаво!


Чувајте го јазикот!

„Јазикот е нашата единствена татковина“, велеше познатиот македонски писател и лингвист Блаже Конески. Но сведоци сме дека токму тој македонски литературен јазик, ние во последниве години не го чуваме, не го негуваме и надградуваме.
Драги деца, за да растете и вие читајќи и зборувајќи на стандарден македонски литературен јазик, во „Колибри“ објавуваме рубрика „Зборуваме македонски“, чиј автор е Владо Димовски, голем пријател на децата и наш познат писател за најмладите и автор на многу детски радио и телевизиски емисии со кои растеа многу генерации, меѓу кои една од најпопуларните беше серијата „Умни глави“ што ја емитуваше Македонската телевизија.

Е па, и бидејќи и вие сте умни глави, се надеваме дека серијалот што го започнуваме, ќе ви помогне да го зборувате македонскиот јазик без грешки, а така и да пишувате!