Посветено на горостасот Горан Стефановски
Едно пролетно топло претпладне во 1955 година во мојот Прилеп, случајно се најдов на аголот меѓу улиците Борка Талески и онаа што водеше кон старото прилепско Корзо Маало, пред портата на тогаш забранетиот за спомнување Методија Шаторов-Шарло.
Точно пред таа порта актерката Нада Стефановска, со неколкумесечното бебенце (Влатко) во десната рака се бореше со необично разгневеното и распиштено две и полгодишно детенце (Горан), чие раче го стегаше во својата лева дланка. Детето пиштеше и се тргаше наназад, не сакајќи да чекори таму каде што мајка му брзаше да стигне: на закажаната проба во прилепскиот Народен театар.
Сцената на мајката што го моли своето поголемо синче да оди со неа беше трогателно смешна, видена со очите на едно десетинагодишно девојче, кое тогаш бев јас. Ама, сцената беше и многу сериозна од аголот на кутрата мајка актерка, која, немајќи кај да ги остави малечките на чување, со нив си одеше на работа!
Мојата љубов спрема кое било дете тогаш (како и сега, кога имам 74 години), ама и восхитот на 10-годишното дете заљубено во актерството, ме натераа да ѝ пријдам на беспомошната тетка Нада Стефановска и да ѝ предложам:
„Тетка Надо… ако сакате, дајте ми го бебето да го подржам, а вие…“ – и со сожаление погледнав кон расплаканото дете (Горан), кое веќе се прпелаше по уличната калдрма.
Кутрата мајка!!!
Го стави бебето (Влатко) во моите подадени раце, му пријде на плачкото, го крена в раце и, борејќи се со неговите ножиња што ја клоцаа, ме замоли:
„Девојче… Ќе можеш ли да го носиш малечково до театарон? Ене каде е…“
„Можам, тетко Надо!“ – извикав јас, преплавена од среќа што ќе појдам таму за каде што ми копнееше срцето. Се радував што ќе ги видам сите мои омилени тогашни прилепски актери: таткото на децава, Мирко Стефановски, Љубиша Георгиевски, во кого се вљубив гледајќи го како го игра Помет во „Дундо Марое“ и другите – Нада и Димче Гешоски, Димитар Жежоски, Живка Лабетиќ, Правда Илиќ…
Всушност, јас уште од второ одделение се вљубив во актерската игра, откако го гледав мјузиклот „Матмзел Нитуш“ и дома, во нашиот двор, приредував „претстави“ за маалските деца и за возрасните сосетки…
А сега, во моментиве на тага и болка по загубата на горостасот на македонската драматургија, никако не можам да ја тргнам од пред очи оваа слика на детето што плачеше…
Со сето мое срце, кое сега плаче, му посакувам на Горан, првично прилепчанецот, а потоа скопјанецот, да најде мир и спокојство во бескрајниот универзум каде што „одлета“ неговата богата душа.
До видување Горане…
Мирјанка Р. Селчанец, писателка од Прилеп