Фото: Зоран Антоски

Со втората фаза од проектот на родители на деца со посебни потреби „Надеж“ од Кичево, во целост беше реализиран проектот „Поттикнување и промоција на културното и ликовно творештво на децата со посебни потреби“, финансиски поддржан од општината Кичево.

Во втората фаза на овој проект беа изложени цртежите што децата со посебни потреби ги изработуваа пред една седмица. Делата беа понудени на продажба, а средствата собрани од оваа аукција ќе бидат наменети за натамошни активности на оваа ранлива категорија граѓани.

– Минатиот петок го реализиравме првиот дел од проектот „Поттикнување и промоција на културното и ликовно творештво на децата со посебни потреби“, во чии рамки децата со посебни потреби ги посетија културните установи во градот од музејот „Западна Македонија во НОВ“, градската библиотека „Кочо Рацин“, а во големата сала од Центарот за култура проследија и цртани филмови. Во завршницата на првиот дел од проектот тие изработуваа цртежи со помош на своите родители и придружници, кои беа изложени во ликовниот салон од Центарот за култура, пред граѓаните на Кичево и беа понудени на продажба. Имавме успешна аукција и поголем дел од цртежите ги купија заинтересирани граѓани, а собраните средства ќе бидат наменети за натамошни активности на децата со посебни потреби од нашиот град – велат реализаторите на овој проект, Горан и Славе.

Тие посочија дека најголемата придобивка од овој проект е дружбата на овие деца и нивна социјализација, што беше и негова приоритетна цел. 

З.А.