Во организација на здружението на родители на деца со посебни потреби „Надеж“ од Кичево, деновиве во овој град беше реализиран проектот „Поттикнување и промоција на културното и ликовно творештво на децата со посебни потреби“.
Во рамките на предвидените активности, децата го посетија музејот „Западна Македонија во НОВ“, каде што кустосот Гоце Вељаноски ги запозна со дејноста на музејот и со неговото историско значење. Потоа тие се упатија кон градската библиотека „Кочо Рацин“, каде што од страна на вработените библиотекари добија повеќе информации за историографијата на библиотеката.
Третата активност беше спроведена во киносалата на Центарот за култура, каде што децата проследија повеќе цртани филмови. Завршната активност од неодамнешното дружење беше спроведена во ликовниот клуб, каде што овие деца со помош на нивните родители и придружници изработуваа цртежи по сопствен избор. Нивните творби ќе бидат изложени и понудени на хуманитарна продажба оваа сабота.
– Проектот „Поттикнување и промоција на културното и ликовно творештво на децата со посебни потреби“ го организиравме со намета и тие да бидат запознаени со повеќе установи и институции што функционираат во нашиот град. Истовремено тоа беше можност за нивна социјализација и убав начин заедно да поминат дел од денот. Инаку, парите собрани од аукцијата на нивните ликовни дела ќе бидат наменети за наредните активности на децата со посебни потреби од нашиот град – истакнаа Горан Нестороски и Славе Китаноски, членови на групата „Надеж“ од Кичево.